Лидерот на Движењето ЗНАМ, сепак, не откри какви разговори се водат помеѓу коалициските партнери ниту, пак, какви барања ќе има партијата доколу се побара замена на кадрите на ЗНАМ во двете министерства со кои раководи
Во однос на шпекулациите дека ЗНАМ би можело да остане без едно министерство или да добие друг ресор, Димитриевски рече дека не сака да ги коментира наводите во јавноста и дека сите опции се на маса
Можам со сигурност да потврдам дека по владината реконструкција, Движењето ЗНАМ ќе биде посилно и кадровски и со потенцијал и во располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта. Ова денеска го изјави лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со претстојната реконструкција на Владата.

Димитриевски, сепак, не откри какви разговори се водат помеѓу коалициските партнери ниту, пак, какви барања ќе има партијата доколу се побара замена на кадрите на ЗНАМ во двете министерства со кои раководи.
„Кога разговарате во политката сите опции се на маса. Имате многу предлози, многу размислувања – индивидуални и партиски. Но, ајде да почекаме да се случи конечниот договор бидејќи ние како владини партнери, а тоа го слушам и од Влен, сè уште немаме постигнато конечен договор. ЗНАМ е секогаш подготвен во интерес на поголем просперитет на државата и поголема благосостојба на граѓаните, да дава поддршка на Владата и владината програма, притоа неводејќи се од клиентелистички пристап да инсталира свои кадри во власта. Но од друга страна секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. Да почекаме и да го видиме конечниот епилог“,
рече Димитриевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на шпекулациите дека Движењето ЗНАМ би можело да остане без едно министерство или да добие друг ресор, Димитриевски рече дека не сака да ги коментира шпекулациите во јавноста и дека сите опции се на маса.
„Не би сакал да шпекулирам што сè се говори на тие разговори. Паѓаат многу идеи на маса. Ќе изброиме до три и ќе пресечеме, а конечниот епилог ќе го имаме во вторник“,
додава тој.
Лидерот на Движењето ЗНАМ вели дека како партија се задоволни од работата на министрите за правда Игор Филков и за јавна администрација Горан Минчев иако, како што вели, секогаш може повеќе. Резултатие во двете министерства каде што работат кадрите на ЗНАМ, според него, се видливи. На крајот на денот, додаде тој, се прават и анализи во делот на сето она што е сработено од страна на сите министри.
„Политиката е компромис, разговор и договор. Ние сме соочени со реконструкција на Владата и сите активности во тој дел се менаџирани од страна на премиерот и мандатарот, кој има апсолутно право да посочи и укаже, да направи одредени комбинаторики во делот на распределбата на власта, а наше е дали ќе се согласиме или не“,
порача Димитриевски.
