Дојчиновски изнесе бројки за тоа која од фирмите колку тендери има добиено – „Ленди груп“ за само две години добила 74 тендери, „Пирамид билдинг солушнс“ добила 51 тендер, а „Мастеф“ дури 93 тендери

Уште колку докази за криминални тендери се потребни за да започнете истрага? Ова е прашање што денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го упатија до Јавното обвинителство.
На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ, обвини дека едни исти, како што ги нарече, „омилени фирми на власта“ добиваат милионски договори низ државните институции и општините кои се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Дојчиновски изнесе бројки за тоа која од фирмите колку тендери има добиено – „Ленди груп“ за само две години добила 74 тендери, „Пирамид билдинг солушнс“ добила 51 тендер, а „Мастеф“ дури 93 тендери.
„Станува збор за повеќе од 200 тендери доделени на само три омилени фирми на власта. Оваа шема е надградена. Зад речиси секој нивен добиен тендер се појавуваат едни исти фирми за проектирање и надзор – ‘МГ проект’ и ‘МБМ архитекти’. Дали сето ова е случајно? Секако дека не е“,
рече Дојчиновски.
Од СДСМ прашуваат уште колку докази треба да излезат во јавноста за надлежните правосудни органи конечно да реагираат, со оглед на тоа што се работи за 100 милиони евра пари на граѓаните.
Партијата најави дека нема да запре со разобличувањето на тендерските шеми и на сите злоупотреби и сите сомнежи за корупција.
Дојчиновски ги повика и граѓаните масовно да пријавуваат сомнежи за криминал и злоупотреби преку нивната дигитална платформа www.micko.mk.
„Заедно се бориме против корупцијата и криминалот. Сите ќе одговараат, од прв до последен“,
порачаа од СДСМ.
Антикорупцискиот тим на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вчера обвини дека фирмите тендераши на власта си имаат свои омилени две компании што ги ангажираат.
Јон Фрчкоски пред новинарите покажа документи со кои ги поврзува фирмите „МГ проект“ и „МБМ архитекти“ со „Ленди груп“, „Пирамид билдинг солушнс“ и „Мастеф“.
