Опозицијата смета дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ доцни и лошо се организира и координира со ситуацијата со пожарите во земјата.
„СДСМ како одговорна партија не сакаше да долева масло на огнот во кризата и ги остави институциите да ја вршат работата, но сега е јасно дека Владата нема капацитет да се носи со предизвиците и прави погрешни проценки за состојбите. Мора да се обезбеди правилно и поефикасно користење на сите ресурси на државата во борба со пожарите. Управувачкиот комитет бараме итно да направи план за распределба на достапните ресурси и превенција на кризните точки“,
изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
СДСМ смета дека недоволно и ненавремено се ангажираат армиските сили во поддршка на гасењето на пожарите и затоа бараат поинтензивно вклучување на армијата.
„Министерот Панче Тошковски или конечно да се разбуди или итно да биде сменет. Не може да гори 5% од теротиријата, да има изгорени илјадници километри квадратни шума а министерот којшто е надлежен да управува со комитетот за кризи никаде да го нема. Ова е неодговорно и погрешно. Ова потврдува дека овие функционери не се дораснати за позицијата и дека во секоја следна криза наместо борба гради во гради ние ќе гледаме обиди за преансочување на вниманието на граѓаните“,
вели Кузеска.
Таа најави дека активисти и членови на СДСМ ќе бидат на терен секогаш кога ќе е потребна поддршка.
ЦУК информираше дека денеска се уште се активни 13 пожари.
Ситуацијата е сериозна и на планината Стогово над селото Гари каде што огнот беснее веќе со денови.