ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта за изгубеност бидејќи не се знае кога точно ќе почне процесот на вакцинација, како и затоа што се доцни со набавката
Првите вакцини пристигнуваат во земјата веќе од наредниот месец! Обезбедени се 800 000 вакцини за цела 2021 година, а првите дози од вакцината на „Фајзер“ ги очекуваме веќе во февруари, порачуваат од владејачкиот СДСМ и бараат од граѓаните трпение и почитување на мерките.
Од СДСМ повторуваат дека Владата ќе обезбеди вакцини и преку два други дополнителни механизми. Едниот е преку Ковакс, од каде што се очекуваат уште 833 000 вакцини, а другиот се преговорите со земјите членки на ЕУ кои се подготвени да отстапат дел од своите вакцини.
„Вкупно, преку сите три механизми во оваа година треба да се обезбеди вакцинација за 1,2 милион жители на Северна Македонија, односно за околу 60 отсто од вкупното население. Вакцинацијата е последната фаза од борбата против коронавирусот. Институциите се подготвени, следува процес на имунизација на целото население, за конечна победа над пандемијата. Затоа е потребно трпение и дисциплина од секој еден од нас, за што побрзо да се вратиме во нормалните текови на животот“,
велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, и денеска ја обвинуваат власта за изгубеност бидејќи не се знае кога точно ќе почне процесот на вакцинација, како и затоа што се доцни со набавката.
„Без никаков срам од СДСМ и понатаму продолжуваат да се фалат за вакцината против ковид-19 кога сè уште не се знае кога граѓаните ќе можат да ги добијат вакцините и колкава ќе биде бројката. Во сите држави во регионот веќе стигна и втора тура на дози од вакцините против корона, а во Македонија, Заев и Филипче не успеаја да набават ни прва, а не, пак, да почне вакцинација“,
велат од опозицијата.
Сè додека не се знае терминот за старт на имунизацијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, сѐ е залудно.
