„Дали Игор Јанушев пријавил сѐ што бил должен да пријави согласно закон или криел? Законот предвидува и законска казна доколку се докаже дека криел удел во фирма и ќе мора да одговара. Бидејќи Јанушев го нема втор ден, институциите се должни да ги дадат одговорите“, рече Кузеска во изјава пред ДКСК, во која праша и „дали сега Јанушев, како генерален секретар на Владата, ќе поднесе оставка додека трае истрагата за неговата компанија во Бугарија“
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори предмет во врска со наводите за поврзаност на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев со компанија регистрирана во Бугарија, околност што тој не ја пријавил во неговите анкетни листови доставени до Антикорупциска.

Барањето на социјаделмократите од „Бихаќка“ денеска во изјава за медиумите пред заградата каде што се наоѓаат просториите на ДКСК, го соопшти портпаролката и членка на Извшниот одбор на партијата Богданка Кузеска, која рече дека станува збор за уште еден сериозен скандал кој директно го засега највиоскиот врв на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Како што наведе Кузеска, Државната комисија за спречување на корупцијата не смее да биде нем набљудувач на скандалите на власта и мора веднаш да отвори предмет во врска со документите објавени во медиумите за поврзаноста на Јанушев со фирма во Бугарија, да ги провери сите факти, да ги побара сите документи и без одлагање да ја информира јавноста.
„Дали Игор Јанушев пријавил сѐ што бил должен да пријави согласно закон или криел? Законот предвидува и законска казна доколку се докаже дека криел удел во фирма и ќе мора да одговара. Бидејќи Јанушев го нема втор ден, институциите се должни да ги дадат одговорите“,
рече Кузеска.
Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие бидејќи, како што рече, додека функционери од власта водат бизниси во Бугарија, во земјава се наметнува поинаков наратив со кој ја блокираат европската интеграција на Македонија.
„Дали сега Јанушев, како генерален секретар на Владата, ќе поднесе оставка додека трае истрагата за неговата компанија во Бугарија?“,
праша Кузеска на крајот од изјавата.
Опозицискиот СДСМ вчера обвини дека генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е поврзан со компанијата „Флугбан транс“ со седиште во Ќустендил, Бугарија. Дејноста на фирмата, како што наведе Кузеска на вчерашната прес-конференција, е патен линиски превоз на стока, управител е Кире Гешоски, а третиот партнер е Сашо Апостоловски.
Таа наведе дека Јанушев во ниту еден од своите анкетни листови поднесени до Државната комисија за спречување корупција нема наведено дека е поврзан со фирма во Бугарија која во случајов, како што додаде таа, пријавува годишен промет од околу 320 000 евра и нето-добивка под 10 000 евра.
„Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, има бугарски пасош, односно е бугарски државјанин. Прашањето кое треба да го одговори е на кои бугарски корени се повикувал Јанушев? Сега излегуваат информации дека е поврзан и со фирма во Бугарија. Тука е суштината на скандалот кој бара институционална истрага и постапка. Затоа Јанушев не го пријавил бугарскиот капитал“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
