ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со комисијата воопшто не била вистината, не биле пациентите, немале намера воопшто нешто да преземат, велат од СДСМ
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, утринава потврди дека Комисијата за скандалот со Клиниката за онкологија денеска нема да заседава и покрај тоа што рокот за донесување заклучоци е до 3 декември
Откако членовите на Анкетната комисија за случајот „Онкологија“ вчера не можеа да се усогласат околу заклучоците од досегашната работа на Комисијата за утврдување на политичка одговорност, денеска од СДСМ рекоа дека е срамна и неодговорна злоупотребата на Анкетната комисија за случајот Онкологија од страна на ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Рашела Мизрахи и побараа во името на пациентите на Онкологија таа да си даде оставка.
„ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со комисијата воопшто не била вистината, не биле пациентите, немале намера воопшто нешто да преземат“,
рече Даниела Марковска, пратеничка од СДСМ.
Според неа, тие политички ја злоупотребуваат Комисијата за ширење невистини и манипулација на граѓаните.
„Јавноста и ние пратениците се сомневаме дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја попречува. А тоа се потврдува. Во текот на вчерашниот ден Мизрахи и ДПМНЕ направија преседан во македонското Собрание. Заклучоци напишани во Белата палата, без ниту еден доказ и основа, беа прочитани и од посочените, комисијата прекината. Без притоа воопшто и да се направи обид да се дојде до заеднички заклучоци, усогласени од членовите на Анкетната комисија“,
додаде Марковска.
Таа истакна дека ваков скандалозен однос кон случајот, кон Комисијата, кон пациентите е недозволив.
„Ние се спротивставивме за оваа злоупотреба, за овој преседан, по што пратениците на ДПМНЕ, виде јавноста, цел ден бегаа од седницата. Еве истото се случува и денеска. Сомнително е и тоа што единствено Милан Ристевски не беше пред анектната комисија, но за ова дополнително ќе се информираме“,
рече таа.
Таа додаде дека случајот Онкологија после 30 години го отворија институции во време на СДСМ и без разлика на ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, одговорност за сите ќе биде утврдена.
Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, утринава потврди дека Комисијата за скандалот со Клиниката за онкологија денеска нема да заседава и покрај тоа што рокот за донесување заклучоци е до 3 декември.
„Сѐ уште сум во шок поради тоа што пратениците од мнозинството не сакаат да ја испочитуваат одлуката на пленумот, каде што се бара, доколку има, да се одреди политичка одговорност за лице со име и презиме. Оти во нашата одлука, член 2 став 2, стои утврдување на политичка одговорност на здравствени и други владини функционери“,
вели Мизрахи во изјава за МИА.
На вчерашната седница имаше несогласувања меѓу членовите на Комисијата околу заклучоците за утврдување на политичка одговорност.
Претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи соопшти дека политичка одговорност е утврдена кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Букова, како и тогашните директори на ФЗО, Стево Крстевски и Фатон Ахмети, заради прекршување на уставните начела, непостапување согласно надлежностите пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.
Пратениците од СДСМ не се согласија со овие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие доставија свои заклучоци со кои бараат од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите.
Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа Клиника. Јавното обвинителство отвори и предистражна постапка.
Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и протести.