Државниот јавен обвинител смета дека се реални констатациите во извештајот за мешањето на политиката во правосудството и провокативните изјави на високи политичари за ситуацијата во овој сектор, но, во интегритетот на јавните обвинители, посочувајќи дека политичките влијанија или притисоци не можат да се одразат на нивната работа
Дел од причините за, условно кажано, незадоволителната динамика со која се постапува по предметите, за што забележува ЕК, Савески ја гледа и во условите во кои работат јавните обвинители
Не можеме да избегаме од тоа дека извештајот е одраз на една реално согледана состојба. Вака државниот јавен обвинител го оценува извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, објавен вчера, конкретно осврнувајќи се на делот за правосудството, согласно функцијата што ја извршува.

Имено, дел од најсериозните забелешки во извештајот се однесуваат на владеењето на правото и основните права, каде што е забележано умерено ниво на подготвеност и ограничен напредок. Европската комисија оценува дека нема напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.
Особено се посочуваат доцнењата во постапувањето по предметите за корупција на високо ниво, од кои дел застаруваат. Тоа, според Комисијата, придонесува за создавање перцепција дека постои неказнивост.
Прашан за коментар на ваквите констатации во извештајот, државниот јавен обвинител во изјава за медиумите по денешната седница на Советот на јавните обвинители, оценувајќи го како реален извештајот на Комисијата, кажа дека сепак тоа не треба да ги демотивира, туку напротив, да ги мотивира јавните обвинители и другите претставници на правосудниот систем во државата да покажат дека се способни борци против корупцијата и криминалот.
„Го прочитав (извештајот на ЕК н.з.) во целост, со особен фокус на она што се однесува за напредокот во правосудството. Не можеме да избегнеме од тоа дека извештајот е одраз на една реално согледана состојба. Тоа не може да нè демотивира, туку напротив, да нè мотивира да се фокусираме и, секако, да дадеме еден посилен притисок врз сето она што е лоцирано како недостаток, притисок во смисла да испратиме една јасна порака кон јавноста, како нашата така и меѓународната дека правосуднсиот систем во нашата држава, конкретно Јавното обвинителство е борец против организираниот криминал и корупцијата, и генерално криминалитетот во нашата држава“,
изјави Савески.
Динамиката на работа на предметите зависи и од условите во кои работат обвинителите
Дел од причините за, условно кажано, незадоволителната динамика со која се постапува по предметите, за што забележува ЕК, Савески ја гледа и во условите во кои работат јавните обвинители. Според него, недоволниот број јавни обвинители, малиот број вработени во јавнообвинителската служба се дел од факторите поради кои можеби не се исполнува динамиката на работа што се очекува. Сепак, како што додаде, тоа не значи и намалување на квалитетот во работата на Обвинителството.
„Можеби, според очекувањата, таа не е задоволувачка, имајќи ги предвид условите и капацитетите, условите во кој раработат јавните обвинители, капацитетите со коишто располага Јавното обвинителство, бројот на јавните обвинители, недостатокот на јавнообвинителска служба. И претходно сум кажал и сега сакам да ја искористам оваа прилика да кажам дека секако и тоа се одразува на она што би значело брзо и ефкикасно работење, намалување на квалитетот во никој случај, меѓутоа околу темпото на постапките сигурен сум дека тоа во голема мера придонесува, односно условите во коишто работата јавните обвинители“,
рече државниот јавен обвинител.

Изјавите на политичарите не можат да се одразат на квалитетот на работа на обвинителите, вели Савески
Савески смета дека се реални констатациите во извештајот за мешањето на политиката во правосудството и провокативните изјави на високи политичари за ситуацијата во овој сектор.
Имено, во делот за правосудството, извештајот на ЕК нотира дека постојаното надворешно и политичко мешање и понатаму претставува сериозна загриженост, а провокативни изјави на високи политичари за планови за чистење на судството и обвинителството и лични критики упатени до судии и јавни обвинители претставуваат недозволиво влијание и заплашување, со што се поткопува и судската независност.
„Апсолутно не можам а да не се согласам со констатираното, тоа е недозволиво и таквата пракса треба да престане. Тоа сум го кажал и порано, борбата помеѓу политичките партии и воопшто политиките на политичките партии, дали станува збор за партија која е на владејачка позиција или во опозиција, полето на нивното меѓусебно докажување во никој случај не смее да биде правосудството“,
рече Савески.
Сепак, тој верува во интегритетот на јавните обвинители, посочувајќи дека политичките влијанија или притисоци не можат да се одразат на нивната работа.
„Сите изјави од политичарите не можат да се одразат врз работата и квалитетот и начинот на водење на постапките и одлучувањето од страна на јавните обвинители“,
изјави државниот јавен обвинител.
Додава дека тие не можат да ги спречат политичарите во нивните изјави, и единствено што можат да направат е да ги игнорираат.
„Ние тоа не можеме да го спречиме, едностравно го игнорираме, бидејќи природата на нашата работа не поврзана со политката, нашата работа се заснова на закон, Устав и меѓународно ратификуваните документи и секако професионалните стандарди коишто се втемелени во нашите регулативи и коишто пред сè се однесуваат на Јавното обвинителство“,
вели Савески.
Прашан дали на политичарите и на изврашната власта им ги пренел услиовите во кои работат јавните обвинители, во смисла на недоволен кадар и десеткувана јавнообвинителска служба, како и за мешањето во правосудството, државниот јавен обвинител рече дека тоа го правел во секоја пригода. Тој посочи конкретно и на средби со министерката за финанисии со цел обезбедување на потребните финансиски капацитети што му се потребни на Обвинителството за нормално да функционира.
