Обраќајќи им се на штедачите на Алта банка, премиерот им порача да не подлегнуваат на, како што рече, хистеријата што ја создава СДСМ и да бидат спокојни бидејќи и во најлошото можно сценарио, а тоа е Алта банка да замине во стечај, сите ќе бидат обесштетени
Мицкоски го повика и Јавното обвинителство да се позанимава со, како што кажа, кривичното дело саботажа кое го прави опозицијата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска првпат се огласи во врска со случувањата со Алта банка, кои изминативе денови ја брануваа јавноста. Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со евроамбасадорот Михалис Рокас, премиерот рече дека многу внимателно ги следи обвинувањата во врска со состојбите во Алта банка кои доаѓаат од опозицискиот СДСМ и ги обвини дека намерно создаваат страв и паника кај граѓаните.

„Истата хистерија ја правеа и кога Виктор Орбан ги загуби изборите во Унгарија, а со хистеријата продолжија и по поразот на Александар Вучиќ во Србија. Така што, се обидувам да го портретирам карактерот на нашата опозиција која нема да престане да создава паника, немир, хистерија во врска со случајот Алта банка. Тие најмалку се грижат за штедачите и доверителите на Алта банка, туку мислат дека на тој начин ќе остварат политички бенефит и ќе се факторизираат на македонската политичка сцена бидејќи се оптеретени со внатрешни поделби“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со случувањата во Алта банка.
Во оваа насока, премиерот повика Јавното обвинителство да се позанимава со, како што кажа, кривичното дело саботажа кое го прави опозицијата.
„Редно е, согласно Кривичниот законик, Јавното обвинитлство да се позанимава за делото саботажа кое го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и дражвниот поредок ширејќи невистини, креирајќи немир и на тој начин ги доведува граѓаните во чувство на несигурност и исплашеност. Ова кривично дело, ќе ги потсетам, се казнува со казна затвор од најмалку три години и по оној КЗ кој тие го сменија во 2023 година“,
рече Мицкоски.
Обраќајќи им се на штедачите и доверителите на Алта банка, премиерот им порача да не подлегнуваат на, како што рече, хистеријата што ја создава СДСМ и да бидат спокојни бидејќи и во најлошото можно сценарио, а тоа е Алта банка да замине во стечај, сите ќе бидат обесштетени.
„Според нашите проверки, 95-96 отсто од штедачите се со штедни влогови до 30 000 евра, тие се загарантирани во целосната сума. Да бидат спокојни затоа што до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите кои ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни, затоа што активата на банката е многу поголема одошто побарувањата од истата, можеби два до трипати поголема. Така што, апелирам до граѓаните, бидете спокојни, ве молам. Немојте да потпаѓате под хистеријата и лагите на опозицијата“,
рече тој.
Премиерот рече дека ова е едно од двете можни сценарија за судбината на Алта банка.
„Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко бидејќи гледате што прават (СДСМ), држат прес-конференции пред Народна банка и ги одвраќаат потенцијалните купувачи кои ќе ја консолидираат банката“,
рече Мицкоски.
Премиерот рече дека случајот „Алта банка“ е случај во соседна Србија, кој е увезен во земјава. Повикувајќи се на информациите со кои располага, Мицкоски рече дека банката е купена откако претходно биле запазени сите законски процедури, вклучително и добиени позитивни мислења од сите институции, вклучително и од Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита од конкуренција.
„На јавна аукција, акционерите од банката, кои се приватни лица, и со кои Владата ниту има ниту сака да има врска, ги продаваат акциите на сопственикот на Алта банка Србија и така стануваат сопственици на Стопанска банка АД Битола, која потоа ја ребрендираат во Алта банка Македонија“,
рече Мицкоски.
