Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексминистерот за правда Блерим Беџети се четворицата сведоци кои денеска треба да сведочат на закажаното рочиште за предметот „Монструм“, кој се однесува за убиените момчиња и рибарот на Смилковско Езеро во 2012 година.
Потребата од нивното сведочење произлегува од разговорите во „бомбите“, презентирани претходно во оваа судска постапка, каде што се слушаат или споменуваат имињата на денешните сведоци како лица што знаат нешто повеќе за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, на 12 април 2012 година.
На минатото рочиште, поради истите причини, сведочеа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вицепремиерот Бујар Османи и обвинителот Џелал Бајрами кој во време на убиството беше заменик-министер во МВР.
Претходно, пак, во судницата за „Монструм“ сведочеа и Зоран Заев, Гордана Јанкулоска и Љупчо Тодоровски-Радникот.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство во Косово. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Кон крајот на минатата година предметот повторно го презеде Основното јавно обвинителство.