Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и вицепремиерот Бујар Османи се следните на листата сведоци за случајот „Монструм“, кој се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Eзеро во 2012 година. Тие треба да се појават на рочиштето закажано в петок, а освен нив е повикан и обвинителот Џелал Бајрами, кој е и поранешен министер за труд и социјална политика и заменик-министер во МВР.
Засега, сè уште нема потврда дали Османи ја примил поканата и дали ќе се појави во петокот.
Нивното сведочење беше најавено на крајот на денешното рочиште на кое сведочеа ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски, познат како Радникот. Во судот се појави и Синиша Алексовски, но, бидејќи претходните двајца сведоци се задржаа до речиси 16 часот, неговото сведочење се помести за 27 февруари.
Радникот денеска во судницата за „Монструм“, како сведок се соочи со обвинетите во овој случај меѓу кои и Хаки Азири кој тврди дека, по препорака на сведокот, бил малтретиран и присилен да ги посочи имињата на обвинетите, писмено и во исказ пред истражен судија.
Како тогашен директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) во МВР, Радникот тврдеше дека нема шанса да малтретирал или да бара да се малтретира некого и да го присили да каже нешто.
„Не е точно, нема шанса да малтретирам некого, кога мојата позиција не била да контактирам со странките“,
рече тогашниот директор на БЈБ, кој побара ако има такво писмо со упатство да му се покаже за да се утврди дека не е негов ракописот.
*Поврзани вести: