Шпанскиот премиер во посета на Албанија во рамки на неговата турнеја во Западен Балкан. Тој вчера беше и во Скопје од каде испрати пораки за поддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионот велејќи дека земјава е во Европа како географски така и историски
Западен Балкан е составен дел од Европската Унија и Шпанија целосно ја поддржува интеграцијата на тој регион во ЕУ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез за време на неговата посета на Тирана во рамки на турнејата низ Западен Балкан.
„ЕУ не може да се замисли без Балканот. Интеграцијата на тој регион ќе ја зајакне ЕУ“,
рече Санчез на прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама.
Сепак, тој, како што пренесува РТК, истакна дека Шпанија не ја признава независноста на Косово, бидејќи, според него, со прогласувањето независност Косово го прекршило меѓународното право.
„И покрај сета почит што ја имаме за албанскиот народ, тоа не можеме да го прифатиме“,
истакна Санчез.
Шпанија е една од петте земји на ЕУ и четирите земји од НАТО кои не ја признаваат независноста на Косово, прогласена во 2008 година. Тоа е и главната пречка за евроатлантската интеграција на Косово со оглед дека и во ЕУ и во НАТО одлуките за проширување се носат со консензус на сите членки.
Инаку, Санчез е првиот шпански премиер кој ја посетил Албанија. Пред Тирана, Санчез беше во посета на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, како и во Северна Македонија. Вчера и од Скопје тој испрати пораки за поддршка велејќи дека земјава е во Европа како географски така и историски.
Во заедничката изјава со премиерот Димитар Ковачевски, ја оцени посетата на регионот како симболична поради две основни причини. Прво, дека пред неколку дена се деблокира процесот за отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија, и второ, како што рече, обединетоста против бруталната агресија на Путин во Украина.
„Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред кој било друг интерес. Го направивте вистинскиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“,
рече шпанскиот премиер вчера во Скопје.