На сите угостители им е забрането да работат по полноќ, а дозволено е присуство на онолку гости колку што објектот може да ги смести, така што секој ќе има простор од по 4 квадратни метри…
Хрватскиот Завод за јавно здравје објави нови препораки за свадби и за работа на угостителските објекти во периодот на епидемијата на ковид-19.
Со мерките што се однесуваат на свадбените веселби се забранува танцување, освен за младенците и нивните родители или за членови на блиското семејство – и тоа само на почетокот на прославата.
За време на свадбената прослава се препорачува физичко растојание во радиус од еден и пол метар, а ова правило не мора да се применува кај членови на исто домаќинство или лица што се во близок контакт.
Секоја личност на венчавката мора да има простор од најмалку четири квадратни метри, а доколку има повеќе од 50 гости на свадбата, мора да се обезбедат „ковид-редари“, пренесува пренесува порталот „Индекс“.
Местата за седење мора да бидат означени однапред и оддалечени метар и пол, а растојанието помеѓу масите мора да биде три метри.
Може да има најмногу осум лица на една маса.
Што се однесува до мерките за работа на угостителските објекти, Главниот штаб објави одлука според која на сите угостители им е забрането да работат по полноќ.
Дозволен е присуство на онолку луѓе колку што објектот може да ги смести, така што ќе има по 4 квадратни метри за секој гостин. На влезот во објектот мора да биде објавено известување за максималниот број на гости што можат да бидат во објектот.
Влезот на гости е регулиран на таков начин што следниот посетител или група посетители можат да влезат само кога претходната група ќе ги напушти просториите. Физичкото растојание помеѓу одделни групи посетители мора да биде најмалку 1,5 метар. И растојанието помеѓу одделни групи гости во објектот мора да биде најмалку 1,5 метар.
Се препорачува да се отстранат класичните форми на менито, така што ќе им се даде усна препорака на посетителите или на некој друг начин да се презентира понудата на храна и пијалаци
Новите мерки на хрватските власти предизвикаа незадоволство меѓу угостителите.
Претседателот на хрватското Здружение на угостители Марин Медак изјави за „Индекс“ дека мерките се нереални и дека ќе значат пропаст за целата угостителска дејност во земјата.