Музичарите и угостителските работници, на состанокот со Заев и Филипче, побарале да се најде решение за поддршка на дејноста прослави и свадби, која, од економски аспект, е меѓу најпогодените од ковид-кризата
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, придружувани од претставници на Комисијата за заразни болести и од националните координатори за култура и за комуникации, попладнево одржале работен состанок со претставници на рестораните за свадби и прослави, на ноќните клубови и на дел од музичарите кои настапуваат на естрадата.
На средбата, како што соопштија од владиниот кабинет, засегнатите страни ја поздравиле конструктивноста и отвореноста на Владата и изразиле разбирање и свесност за ризиците што групирањето на граѓаните на отворени и затворени простори ги носи по јавното здравје.
Во исто време, премиерот Заев и претставниците на Владата демонстрирале, како што се посочува, запознаеност и разбирање за економските ризици и загуби кои се случуваат во дејноста прослави и свадби.
Заеднички било констатирано дека со оваа средба дијалогот е започнат и дека во периодот што следува претставниците на рестораните за прослави и свадби и ноќните клубови, како и претставниците на музичарите кои настапуваат во нив, до Владата ќе достават конкретни предлози за решенија, кои ќе бидат разгледани од стручните тела на Владата, од економски и од здравствено-епидемилошки аспект и ќе следат дополнителни работни средби.
Како што се соопштува, заедничка цел на вклучените во дијалогот е да се спречи какво било зголемување на ризикот по здравјето на граѓаните во услови кога коронавирусот e во експанзија насекаде низ регионот и во Европа, да се оневозможат услови за дополнително зголемување на бројот на заболени и со тоа на бројот на смртни случаеви, а во исто време да се најде заедничко решение за поддршка на засегнатите во дејноста прослави и свадби која е меѓу најпогодените, со цел намалување на економската штета.
Средбата следува по последните рестрикции што ги донесе Владата во однос на функционирање на угостителските објекти, додека уште од почетокот на кризата важи забраната за организирање свадби и други прослави.
Одлуката на Владата испровоцира протест на музичари и угостителски работници пред владината зграда, по што премиерот им „закажа“ средба на оние кои протестираа.
Владата ги донесе дополнителните рестрикции за угостителскиот сектор откако, за време на претходниот викенд, инспекторите во повеќе локали низ земјава регистрираа прекршување на протоколите за заштита од ковид-19, вклучително со неколку „тајни“ свадби.
Во меѓувреме, Владата донесе и законски измени со кои се зголемуваат овластувањата на инспекторите за време на еподемија, така што тие на лице место ќе можат да затвораат локали и да издаваат казнени налози.