Напорите за евакуација на 6 000 цивили од градот не се остварија, главно поради тоа што излезниот коридор не функционираше како што беше планирано бидејќи Русија немаше контрола врз своите војници, изјави заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук
Руските трупи продолжуваат со нападите од воздух и земја во опколениот пристаништен град Мариупол, со фокус на челичарницата „Азовстал“, која го претставува последниот отпор на Украина таму.
Според анализата на американска тинк-тенк организација за одбрана, Институтот за проучување на војните, Русија обезбедила маргинален напредок вчера од континуираните напади врз јужниот град.
Напорите за евакуација на 6 000 цивили од градот не се остварија, главно поради тоа што излезниот коридор не функционираше како што беше планирано бидејќи Русија немаше контрола врз своите војници, изјави заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешчук.
Само четири автобуси со евакуирани лица успеаја да го напуштат Мариупол, а евакуираните ја поминаа ноќта во градот Бердјанск, објави Верешчук на социјалните мрежи додавајќи дека евакуацијата на жени, деца и стари лица ќе продолжи и денеска.
„Безбедносната ситуација е тешка. Работите може да се променат“,
додаде таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека е подготвен да ги замени руските воени заробеници за безбедна евакуација за цивилите и украинските војници од Мариупол.
Зеленски рече дека има околу 1 000 цивили кои се засолнети во фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол и додаде дека ситуацијата во опколениот град се влошува со стотици ранети.