ФЗО е запознаен со долгот што го имаат клиниките и треба да најде начин како да се надополнат буџетите на овие клиники за да може да се подмират сите долгови

Министерот за здравство Беким Сали најавува дека клиниките заедно со Фондот за здравствено осигурување работат на креирање на буџетите за идната година и во нив ќе треба да се најде решение за долговите што ги имаат.
„ФЗО е запознаен со долгот што го имаат клиниките и треба да најде начин како да се надополнат буџетите на овие клиники за да може да се подмират сите долгови“,
рече Сали на денешната прес конференција при посетата на Универзитетската клиника за нефрологија, каде е извршено комплетно реновирање на хоспиталниот дел.
Според информациите на Сали, еден дел од клиниките електрична енергија набавувале директно од добавувачите, а друг дел преку Заеднички служби.
„Делот од клиниките што набавува преку Заеднички служби поради наталожениот долг во ковид-пандемијата се соочува со отежнато функционирање во делот на финансиско менаџирање. Поради долговите што се наталожени во овие клиники тие заостануваат со плаќање на долгови кон Заеднички служби“,
рече Сали.
Откако минатата недела беше објавено дека долгот на Клиничкиот центар достигнал седум милиони евра и дека скопските клиники три години не ги плаќале сметките, премиерот Димитар Ковачевски најави дека државата ќе обезбеди средства за сервисирање на долгот за струја на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Мора да бидеме свесни дека Министерството за здравство помина низ еден долг процес на борба со корона кризата и тогаш сите граѓани беа згрижени без да има какво било нарушување на процесот на давање такви услуги. Сите ресорни министри кажаа дека е обврска на државата да обезбеди здравствени услуги, и во оваа сега енергетска криза исто како и образовни услуги што го правиме преку нудење на електрична енергија по пониски цени од берзанските преку ЕСМ. Исто ќе направиме и со финансиски средства и за фирми како ЕСМ, како и за други витални функции на државата“,
рече Ковачевски.