Просечниот број на хоспитализирани дневно се зголеми на 3 000, што е за 19 отсто повеќе, а бројот на починати дневно во просек е 275 лица
САД забележаа тројно зголемување на бројот на случаи на ковид-19 во текот на изминатиот месец и постојан пораст во изминатите пет недели, изјави Рошел Валенски, директорка на американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Седумдневната инциденца се зголеми за 26 отсто во однос на претходната недела и изнесува 94 000 случаи дневно, истакна Валенски пред Белата куќа.
Просечниот број на хоспитализирани дневно се зголеми на 3 000, што е за 19 отсто повеќе од претходната недела.
Според неа, просечно 275 луѓе умираат дневно со ковид-19.
„Треба да имаме на ум дека секој човек што го загубил животот поради ковид-19 претставува трагедија, а речиси 300 смртни случаи дневно се сè уште премногу“,
рече Валенски.
Бројот на случаи во Северна и Јужна Америка се зголеми за 27,2 отсто во споредба со претходната недела, главно поради растот во САД, соопшти Панамериканската здравствена организација ПАХО.
Од вкупно 918 000 заразени, повеќе од половина се од Северна Америка.