„Ќе го следиме големото српско распоредување вдолж границата со Косово. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги намалува тензиите“, изјавил координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рекол дека во моментот не може да каже кои се целите за ваквото распоредување на воените трупи
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно денеска изјави дека во долгиот и тежок телефонски разговор што го имал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен негирал дека борбената готовност на Армијата на Србија е подигната на највисок степен и рекол дека тој не потпишал такво нешто
Координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на Соединетите Американски Држави (САД), Џон Кирби, денеска изјави дека Вашингтон е загрижен за „големото распоредување“ на српски војници вдолж границата со Косово, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Ќе го следиме големото српско распоредување вдолж границата со Косово. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите сили од границата и да продолжи да ги намалува тензиите“,
рекол денеска Кирби пред новинарите во Вашингтон.
Прашан дали ваквото распоредување на воени трупи во близина на границата е сигнал дека Србија се подготвува за воена инвазија, Кирби изјавил дека во моментот не може да каже кои се целите на ваквиот потег.
„Го гледаме, го набљудуваме. Но, целта (на распоредувањето на српските воени трупи) не можам да ја кажам сега“,
рекол тој.
Истрагите продолжуваат и „сакаме Србија да учествува во нив“, бил одговорот на високиот американски функционер на прашањето дали САД знаат дали Србија и Русија се вмешани во нападот на Бањска и за можноста за воведување санкции кон Белград.
Кирби нагласил дека нападот имал „високо ниво на софистицираност“.
Тој рекол дека видот на оружјето пронајдено по инцидентот во Бањска, кое вклучува фрлачи на гранати и друго оружје, вознемирува.
Кирби рекол дека насилните инциденти, како оној во мај против припадниците на КФОР, како и оној во Бањска, претставуваат опасност не само за безбедносниот персонал на Косово, туку и за НАТО.
„Овој вознемирувачки циклус на насилство се влоши“,
рекол Кирби.
Високиот американски функционер рекол дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен во разговорот што претходно денеска го имал со српскиот претседател Александар Вучиќ побарал Србија да ги намали тензиите.
Инаку, дека имал телефонски разговорот со Блинкен информираше и српскиот претседател. Тој рече дека разговорот по повод најновата ситуација на Косово траел долго и не бил лесен и дека имало работи за кои се согласиле, но и такви за кои не се согласуваат со американскиот државен секретар.
Една од работите околу која не се согласиле се однесувала на активностите на српската војска.
Вучиќ изјави дека во разговорот со Блинкен негирал дека борбената готовност на Армијата на Србија е подигната на највисок степен и нагласил дека тоа не е точно и дека тој не потпишал такво нешто.
САД остро го осудија нападот врз косовската полиција кој се случи на 24 септември во Бањска, општина Звечани, во кој загина наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку. Во судирот на косовската полиција и вооружената група во манастирот Бањска беа убиени тројца припадници на групата, која според властите во Приштина броела околу 30 маскирани и тешко вооружени лица.
Косово го оквалфикува нападот како терористички и побара меѓународна истрага за Србија во врска со нејзината улога.
Од друга страна, официјален Белград негира каква било поврзаност со инцидентот.
Денеска потпретседателот на Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, Милан Радоичиќ, преку изјава која ја прочита неговиот адвокат ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово.
Претходно властите во Косово објавија видеоснимка од дрон тврдејќи дека на неа се гледа Радоичиќ вооружен и во униформа во Бањска. Косовските власти ја посочија снимката како доказ и го обвинија Радоичиќ дека го организирал и учествувал во нападот на косовската полиција.