САД претходно гласаа против повиците за прекин на огнот во Појасот Газа на Генералното собрание на ОН, а ставија и вето на резолуцијата на Советот за безбедност која го вклучуваше зборот „прекин на огнот“ во текстот. За усвојување на резолуцијата потребни се најмалку девет гласа „за“ од 15 членки. Право на вето имаат САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција
По еднонеделни тензични дипломатски разговори, Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) денеска треба да гласа за резолуцијата за интензивирање на хуманитарната помош за Газа откако САД изразија поддршка за најновиот нацрт-предлгог, пренесуваат светските медиуми.
Гласањето за резолуцијата беше одложувано четирипати, а по разговорите вчера доцна вечерта американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, изјави дека САД и арапските држави се усогласиле околу изменета верзија на предлог-резолуцијата која Вашингтон може да ја поддржи, пренесува Би-би-си.
Сепак, како што наведува британскиот национален сервис, амбасадорката не била јасна во ставот дали САД ќе гласаат „за“ или „воздржано“.
Американската амбасадорка ја даде изјавата по состанокот зад затворени врати на кој Советот за безбедност повторно го одложи гласањето за резолуцијата со која се бара прекин на борбите меѓу Израел и Хамас и зголемување на хуманитарната помош за Газа.
„Подготвени сме да гласаме. Тоа е резолуција што ќе донесе хуманитарна помош на оние на кои им е потребна. Тоа ќе го поддржи приоритетот што го има Египет дека ќе обезбедиме механизам на теренот што ќе ја поддржи хуманитарната помош и ние сме подготвени да продолжиме напред“,
изјави Томас-Гринфилд, пренесува „Гардијан“.
САД претходно гласаа против повиците за прекин на огнот во Појасот Газа на Генералното собрание на ОН, а ставија и вето на резолуцијата на Советот за безбедност која го вклучуваше зборот „прекин на огнот“ во текстот.
Заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, тогаш пред Советот за безбедност изјави дека тоа е затоа што нацртот не ги спомнува нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.
Новинската агенција ДПА, која имала увид во најновата нацрт-резолуција, јави дека во текстот се повикува Израел веднаш да дозволи безбеден и непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа и оти мора да се создадат и услови за одржлив прекин на насилството.
Според агенцијата, членките на најмоќното тело на ОН постигнале компромис за контроверзното прашање за тоа како треба да се проверуваат стоките, дека проверките треба да ги врши новоименуваниот координатор на ОН. Во соработка со сите учесници, овој координатор треба да обезбеди и забрзување на меѓународната помош.
Другите пасуси, како што се наведува, се избришани под притисок на САД, вклучително и параграф со кој се осудуваат сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ги и сите неселективни напади врз цивили и цивилни објекти. Итниот прекин на насилството, кој се бараше претходно за да се овозможи испорака на помош, исто така, го нема во најновиот нацрт.
За усвојување на резолуцијата потребни се најмалку девет гласа „за“ од 15 членки. Право на вето имаат САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција.
Останува неизвесно дали другите членки на Советот за безбедност со право на вето, особено Русија, ќе ги прифатат промените. Гласањето за денеска, како што пишува „Гардијан“, било договорено за да имаат време мисиите на земјите членки на Советот да се консултираат со властите во нивните престолнини.