Американската команда за специјални операции за Европа (SOCEUR) ќе отвори база во Албанија на ротирачка основа, објави денеска албанскиот премиер Еди Рама.
SOCEUR, со седиште во Штутгарт, Германија, на својата веб-страница објави дека базата во Албанија ќе обезбеди поголема соработка со албанските сојузници, важен пристап до транспортните центри на Балканот и поголема логистичка флексибилност.
„Ова е фантастична вест – тоа е одраз на многу висок кредибилитет и многу блиска соработка“,
рече Рама во видеопораката во која ја прочита изјавата на SOCEUR.
Специјалните сили, високо обучени и опремени со напредна комуникациска опрема и оружје, често се користат во антитерористички или извидувачки операции и можат да се инфилтрираат во непријателските линии, но сè уште не е јасно каква ќе биде улогата на американските сили во Албанија.
Соединетите Држави повеќе од две децении имаат база во Косово каде што се стационирани 600 војници.