Ќе се бара од сите странски државјани на возраст над 18 години кои ќе патуваат во САД да докажат дека се целосно вакцинирани, а ќе ги признаат вакцините кои се одобрени од СЗО, а не само оние кои се одобрени кај нив
Целосно вакцинирани странски патници ќе можат да влезат во САД од 8 ноември, објави Белата куќа денеска.
Портпаролот Кевин Муњоз на Твитер објави дека одлуката ќе се однесува на копнениот и воздушниот сообраќај. Тој посочи дека одлуката е донесена во согласност со моменталната состојба на јавното здравство во Соединетите држави.
Џеф Зиентс, координатор на Работната група за ковид-19, објави нова политика на американската администрација за меѓународни летови на прес-конференција на 21 септември.
Зиентс тогаш рече дека ќе побара од сите странски државјани на возраст над 18 години кои ќе патуваат во САД од ноември да докажат дека се целосно вакцинирани, а ќе ги признаат вакцините кои се одобрени од СЗО, а не само оние кои се одобрени кај нив.
Соединетите Американски Држави ќе ги укинат забраните на своите копнени граници со Канада и Мексико за целосно вакцинирани странски државјани на почетокот на ноември, соопштија официјални лица.
Прописите ги опфаќаат копнените граници и оние што се минуваат со траект, а наскоро се очекува тоа да се воведе и за воздушните граници.