Американските служби проценуваат дека околу 50 000 платеници на паравоената група се распоредени во Украина, а 80 отсто од нив се бивши затвореници
Приватна руска паравоена формација „Вагнер“, за која се верува има илјадници платеници на фронтот во Украина, ќе биде прогласена за транснационална криминална организација од страна на САД.
Белата куќа најави дека наредната недела ќе воведе и нови санкции за групата и нејзината мрежа на поддржувачи.
„Таа (’Вагнер‘) врши злосторства и кршење на човековите права во Украина и на други места“,
изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Прогласувањето за транснационална криминална организација ќе им овозможи на САД на применат пошироки санкции против паравоената група.
Проценките на САД се дека „Вагнер“ во моментов има околу 50 000 платеници распоредени во Украина, а групата досега делуваше и во Сирија, Либија и Централноафриканската Република.
Кирби во изјавата посочи и дека околу 80 отсто од припадниците на паравоената група кои сега се распоредени во Украина се лица извлечени од затворите.
Тој посочи дека „Вагнер“ станала ривал на руските редовни воени сили и САД веруваат дека поради оваа група се зголемуваат тензиите меѓу руските официјални лица и контроверзниот нејзин основач, бизнисмен и сојузник на Владимир Путин, Евгениј Пригожин.