На предната страна од монетите ќе биде прикажан ликот на Трамп, заедно со натписите „Слобода“, „Во Бог веруваме“ и „1776–2026“, додека на задната страна ќе биде белоглавиот орел од претседателскиот печат

Министерството за финансии на САД објави дека американската ковачница започнала со производство на нова пригодна монета од еден долар со ликот на Доналд Трамп, како дел од прославата на 250-годишнината од независноста, пишува „Гардијан“.
Монетата е закажана за објавување оваа есен. Од Министерството за финансии велат дека нејзиниот конечен дизајн е одобрен претходно годинава од страна на Комисијата за ликовни уметности на САД, чии членови се назначени од Трамп.
Сепак, како што се додава во написот на британскиот медиум, откриената верзија не е идентична со претходно одобрениот дизајн. Меѓу промените, монетата има златна завршница, наместо да биде изработена од чисто злато.
Скот Бесент, секретарот за финансии, во објава на Икс вели дека монетата е наменета „да го почитува трајното наследство на слободата и е траен симбол на патриотизмот“.
„Со ликот на претседателот Трамп, таа ја слави силата на американските вредности и ветувањето за нација посветена на зачувување на слободата за сите“,
додава тој.
As America commemorates 250 years of independence, the @usmint will begin striking this new $1 gold coin to honor the enduring legacy of liberty and a lasting symbol of patriotism. Featuring President Trump, it celebrates the strength of American values, and the promise of a… pic.twitter.com/PEMrsGqOEA
— Treasury Secretary Scott Bessent (@SecScottBessent) July 15, 2026
На предната страна од новата монета е прикажан Трамп облечен во костум и вратоврска со строг израз на лицето. Зборот „слобода“ се појавува на горниот раб, додека датумите 1776-2026 се прикажани на долниот дел. Фразата „во Бог веруваме“ е поставена во центарот.
На задната страна, монетата го прикажува традиционалниот белоглав орел од Големиот печат на Соединетите Американски Држави. „Соединети Американски Држави“ е врежано околу горниот раб, а штитот на градите на орелот ја носи латинската фраза „Е pluribus unum“, што значи „Од многу, еден“.
Одлуката наиде на критики поради законските ограничувања за прикажување живи личности на американски пари. Критичарите се повикаа на закон од 1866 година, но тој се однесува на банкнотите, додека монетите ги произведува Американската ковачница.
Во 2020 година Конгресот усвои закон со кој му овозможи на министерот за финансии да издаде пригодни монети од еден долар по повод 250-годишнината од САД, но со изречна забрана на нив да не смее да се прикажува жива личност.
Трамп постојано се обидува да ги постави своето име и лик на истакнати институции и проекти, вклучувајќи го преименувањето на Американскиот институт за мир, местото за сценски уметности во Центарот „Кенеди“ и нова класа борбени бродови.
Во март минатата година републиканскиот пратеник во Конгресот на САД, Брендон Гил, од Тексас, изјави дека планира да предложи закон според кој ликот на Трамп треба да биде ставен на банкнота од 100 долари, и тоа да се случи по крајот на неговиот мандат.
