Во соопштението од Пентагон се вели дека намалувањето резултира со „привремено одложување“ на распоредувањето на американски сили во Полска
Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД) синоќа објави дека ќе го намали бројот на американски трупи во Европа, враќајќи го распоредот на своите сили на „стариот континент на нивото од 2021 година, пренесоа светските медиуми.

Соопштението од Пентагон доаѓа по притисок што Вашингтон извесно време го врши врз своите европски сојузници, барајќи од нив повеќе да вложуваат во сопствената одбрана, наместо целосно да се потпираат на американска заштита.
Како што се наведува во медиумските извештаи, Пентагон ќе го намали бројот на своите бригади распоредени во Европа од четири на три. Инаку, еден бригаден тим, според извештај на Конгресот на САД, брои помеѓу 4 000 и 4 700 војници.
Во соопштението од Пентагон се вели дека намалувањето резултира со „привремено одложување“ на распоредувањето на американските сили во Полска.
Објавата следи по вчерашната изјава на потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, кој рече дека планираното распоредување на 4 000 војници во Полска е одложено, а не откажано.
„Министерството ќе го утврди конечното распоредување на овие и други американски сили во Европа врз основа на понатамошна анализа на стратешките и оперативни потреби на САД, како и способноста на нашите сојузници да придонесат со свои сили за одбрана на Европа“,
се вели во соопштението од Пентагон.
Намалувањето на бројот на борбени бригади е кулминација на неколкунеделните очекувани намалувања на американските сили во Европа и инсистирањето на Вашингтон сојузниците на континентот да инвестираат повеќе во сопствената одбрана.
Некои од медиумите овој потег на Пентагон го толкуваат како дел од решителноста на американскиот претседател Доналд Трамп да ги казни европските сојузници кои не ја поддржаа војната на САД против Иран или не сакаат да се вклучат во напорите за отворање на Ормускиот Теснец.
Инаку, Пентагон на почетокот на мај објави дека Соединетите Држави ќе повлечат повеќе од 5 000 свои војници стационирани во Германија.
