„Многу лидери и влади, вклучително и оние во регионот, го одобрија овој план. Го повикуваме Советот за безбедност да им се придружи во повикот за спроведување на овој договор без одлагање и без дополнителни услови“, вели американската амбасадорка во ОН
Соединетите Американски Држави (САД) побараа од Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) да го поддржат планот од три фази што го објави претседателот Џо Бајден, а чија цел е ставање крај на речиси осуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, изјави дека САД доставиле нацрт-резолуција до останатите 14 земји членки на Советот барајќи поддршка за ставање крај на конфликтот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Планот што го објави Бајден, меѓу другото, вклучува и целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од населените места во Газа, испорака на хуманитарна помош и ослободување на заложниците од страна на Хамас.
„Многу лидери и влади, вклучително и оние во регионот, го одобрија овој план. Го повикуваме Советот за безбедност да им се придружи во повикот за спроведување на овој договор без одлагање и без дополнителни услови“,
изјави Томас-Гринфилд.
Министрите за надворешни работи на петте големи арапски земји – Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар и Египет – ги повикаа Израел и Хамас „сериозно и позитивно“ да го разгледаат предлогот на Бајден.
Помошник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел начелно го прифаќа предлогот, иако, како што додаде, решението има свои недостатоци и дека се потребни дополнителни интервенции во него.
Хамас, од своја страна, ја поздрави иницијативата на американскиот претседател Бајден, но дополнително од милитантната група бараат гаранции за завршување на офанзивата врз Газа, дека сите израелски сили ќе бидат повлечени, дека ќе се овозможи слободно движење на Палестинците и дека ќе се обезбеди помош за обнова на Појасот.
За потсетување, конфликтот во Појасот започна минатиот октомври, кога Хамас, организација која од страна на САД и Европската Унија е означена како терористичка, ненадејно го нападна Израел, убивајќи повеќе од 1 200 луѓе и земајќи стотици други како заложници.
Како одговор, израелската војска започна офанзива врз Газа во која, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, досега загинаа најмалку 36 280 луѓе, од кои две третини се жени и деца, а повеќе од 80 000 се ранети.