Нашата цел е многу јасна – да се зајакне европскиот столб на НАТО преку единство, способности, конкретен воен придонес и тесна соработка меѓу партнери, сојузници и пријатели, како што е С Македонија – порача, меѓу другото, генерал Карстен Бројер за време на средбата со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски
Северна Македонија игра важна улога како чинител на стабилност, е веродостоен партнер на НАТО и со тоа го јакне регионот, Алијансата и европската безбедност – порача началникот на Генералштабот на Германија, генерал Карстен Бројер, кој од денеска е во дводневна посета на земјава.

За време на средбата со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, Бројер порача дека ваквата улога на земјава е широко ценета од Германија и дека затоа од клучна важност останува меѓусебната соработка на двете земји.
„Неодамна се договоривме за размена на воена опрема меѓу нашите сили, а имаме и блиска соработка во рамки на мисии и вежби, во кои германските и македонските војници служат рамо до рамо во КФОР, УНИФИЛ и силите распоредени на источното крило. Таму се гради вистинската интероперабилност, преку обука, вежби, заеднички процедури и оперативно искуство. Нашата цел е многу јасна – да се зајакне европскиот столб на НАТО преку единство, способности, конкретен воен придонес и тесна соработка меѓу партнери, сојузници и пријатели, како што е Северна Македонија. Европската безбедносна архитектура е целосно променета и затоа мора да делуваме заедно побрзо, поефикасно и ефективно, и во рамките на НАТО-структурите“,
порача началникот на Генералштабот на Германија, Карстен Бројер.
Со оглед на тоа што последната посета на началник на германскиот Генералштаб на земјава била пред две децении, Бројер рече дека одлучил да дојде за лично да се запознае со развојот на билатералната соработка.
Началникот на Генералштабот на АРМ оцени дека посетата на Бројер е уште една потврда на пријателството помеѓу двете земји, партнерството, заедничките вредности и јасната определба за мирот и безбедноста.
На средбата биле разгледани и актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот, состојбите на Западен Балкан, значењето на мисиите КФОР и АЛТЕА, како и плановите на НАТО за Југоисточна Европа, вклучително и воената мобилност и логистичката поддршка. На генералот Бројер му биле презентирани и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, кој Лафчиски го оцени како еден од најзначајните центри за обука во Југоисточна Европа. Двајцата соговорници ја потврдиле посветеноста кон зајакнување на сојузничката безбедност и понатамошно продлабочување на воената соработка.
