Овој важен дел од Коридорот 8 треба да се реализира и да биде завршен, а деценискиот проблем решен. И експертската јавност и Државниот завод за ревизија се согласни дека проектот Кичево – Охрид е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект, смета директорот на Јавното претпријатие за државни патишта
ФИДИК-експертот што го ангажирале институциите за изградба на автопатот Кичево – Охрид доставил извештај со три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, договорот да продолжи со пенали или да се раскине договорот. Ова го соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, вечерва во отчетот за реализираното во оваа година.
Според него, извештаите од ФИДИК-експертот и од Државниот завод за ревизија ќе бидат на следната седница на Владата и тие треба да го дадат одговорот што понатаму со изградбата на автопатот Кичево – Охрид.
„Извештајот денеска заедно со извештајот од Државниот завод за ревизија го доставивме во Владата и најверојатно на следната седница Владата ќе ги разгледа. Ние ќе бидеме присутни, ќе ги образложиме сите тие опции што ги имаме од ФИДИК-експертот, кој ќе биде на седницата. По седницата на Влада ќе знаеме како ќе продолжиме понатаму со изведувачот ‘Синохидро’,
изјави Рустеми.
И покрај сите нивни напори и заложби до изведувачот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, завршувањето на проектот се пролонгирало, како што рече „поради појава на нови свлечишта и обрушување на косините“ и во фаза се кога им е потребна експертска помош.
„Овој важен дел од Коридорот 8 треба да се реализира и да биде завршен, а деценискиот проблем решен. И експертската јавност и Државниот завод за ревизија се согласни дека проектот Кичево – Охрид е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект“,
рече директорот на ЈП за државни патишта.
„360 степени“ пред два и пол месеци објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница.
Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.