Минатиот месец од Министерството за транспорт и врски соопштија дека побарале ревизија на проектот од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), како и дека заедно со ЈПД е ангажиран експерт за ФИДИК-договори кој треба да го анализира договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – потпишан пред точно десет години, како и да понуди решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на овој проект
Очекувам денеска да биде доставен експертскиот извештај за автопатот Кичево – Охрид кој го гради кинеската „Синохидро“, рече денеска при посетата на Делчево министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и додаде дека дека откако ќе биде доставен извештајот информацијата ќе биде разгледана на Влада.
„Очекувам денеска да биде доставен извештајот до Јавното претпријатие за државни патишта од страна на ФИДИК-експертите и надзорот и потоа да биде аплицирана информација на Влада и на наредната недела да ја разгледаме таа точка заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и експертите, со што сите министри во Владата ќе бидат информирани за состојбите и да го одбереме најдобриот модел за овој значаен инфраструктурен проект“,
изјави Бочварски.
Тој не сакаше да прејудицира дали ќе биде раскинат договорот.
„Најважно е секој чекор што ќе го направи државата во следниот период да биде согласно насоките на експертите“,
рече Бочварски.
„360 степени“ пред два и пол месеци објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.
Минатиот месец од Министерството за транспорт и врски соопштија дека побарале ревизија на проектот од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), како и дека заедно со ЈПД е ангажиран експерт за ФИДИК-договори кој треба да го анализира договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“ – потпишан пред точно десет години, како и да понуди решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на овој проект.
Рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата, според најавата, ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.
Појавени се 11 нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектантски решенија и мислење за целокупниот проект.