Камчев, кој ја постигнал спогодбата во „Империја“ и добил една година затвор, минатата недела доби пресуда и во случајот „Плацови на Водно“ каде што со првостепена пресуда, исто така, беше осуден на едногодишна казна затвор. Покрај затворската казна, тој да уплати и пет милиони евра во државниот буџет
Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев со спогодба признал вина за случајот „Империја“ и е осуден на една година затвор, изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска во емисијата „Топ тема“ која вечерва ќе биде емитувана на ТВ Телма. Покрај затворската казна, Камчев ќе уплати и 5,1 милион евра (околу 320 милиони денари) во државниот буџет преку УЈП.
„Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка птротив него, а тој се согласи на казна од една година затвор,
истакнува Русковска за „Топ Тема“.
Истрагата за овој финансиски случај заврши и според најавите на обвинителката Лиле Стефанова, која го работи овој предмет, до крајот на мај може да се очекува обвинение за случајот.
Можните спогодби на дел од обвинетите лица, како што е оваа на Камчев, Стефанова ги најави во изјава за медиумите пред една недела.
„Во моментов нема спогодби, но има иницијативи за спогодување. Повеќе лица имаат поднесено иницијативи за спогодување. За лицата и делата нема да зборувам во моментов, соодветно ако бидат постигнати спогодби ќе бидете информирани… Нема кривично дело за кое не треба или не може да се прифати спогодба, но дали ќе се прифатат условите во постапката за спогодување зависи од тоа на што ќе се спогодат обвинетите. Целта ќе биде дали обвинетите се спремни да ја вратат имотната корист со која се стекнале со извршувањето на кривичните дела“,
рече обвинителката Стефанова на 21 април 2022 г.
Во рамки на „Империја“ на 15 април обвинителството поднесе и барање за замрзнување на имот. Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје го прифати, а потоа одлуката беше потврдена и од кривичниот совет во овој суд.
Предметот претходно беше во рацете на СЈО, но по неговото згаснување премина во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Поранешното СЈО за отворање на истрага со кодно име „Империја“ информираше преку соопштение на својата веб-страница во 2018 година, кога наведе дека осомничени се: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Кривичните дела кои тогаш ги наведе СЈО како предмет на истрагата беа злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Стефанова во изјавата пред една недела рече дека истрагата во меѓувреме се проширила на нови лица и на нови кривични дела.
Камчев кој ја постигнал спогодбата во „Империја“ и добил една година затвор, минатата недела доби пресуда и во случајот „Плацови на Водно“ каде со првостепена пресуда, исто така, беше осуден на едногодишна казна затвор.