Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“, рече дека не очекувала повисока казна за Зоран Милески-Кичеец, кој денеска беше осуден на три години затвор.
„Искрено, не очекував повисока казна затоа што е голем распонот на предвидената казна од 1 до 10 години. Казната е таква со оглед на тоа дека е неосудуван, а најмногу затоа што призна вина“, изјави Русковска.
Таа рече дека прво ќе почека да ја види пресудата, па ќе одлучи дали ќе поднесе жалба.
Според Русковска, Кичеец може понатаму со дополнение на доказната постапка да се појави и како сведок во „Рекет“.
Денешната пресуда ќе стане правосилна откако ќе истече рокот за жалби и кога за нив, ако ги има, ќе се произнесе Апелацискиот суд.
Правосилноста Кичеец ќе ја чека од домашен притвор, кој Судот му го продолжи, иако неговите адвокати бараа да се укине.