Обвинителката, како што соопшти, се гони за наводна злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 и за наводно фалсификување докази. Таа сподели дека утрово во ОЈО Скопје исказ давала нејзината колешка Елизабета Јосифовска, а утре тоа треба да го стори и обвинителката Ивана Трајчева, а во пријавата е ставена и обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановска, за што, како што додаде Русковска, првпат слушнала денеска
„Истрага е затоа што предметот е заведен во уписникот како КО, а не во уписникот РО и бев сослушана во својство на осомничена“, рече Русковска и посочи дека на целата постапка што се води против неа гледа како на притисок врз неа и нејзините колеги да внимаваат против кого отвораат постапки
Таа соопшти дека конкурирала на огласот што неодамна го распиша Советот на јавни обвинители и оти очекува да ја добие поддршката од колегите, со оглед на тоа што сега идниот шеф на ОЈО ГОКК ќе го избираат сите обвинители на непосредни избори со гласање
Обвинителката Вилма Русковска, која е времено суспендирана од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), се гони во својство на осомничена во случајот што го отвори Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, по кривичната пријава што ексдиректорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми ја поднесе против неа и нејзини колешки.
Ова, како што соопшти Русковска во изјава за новинарите по завршувањето на распитот во Обвинителството, значи дека предметот е веќе во фаза на истрага.
Обвинителката, како што соопшти, се гони за наводна злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 и за наводно фалсификување докази.
Таа сподели дека утрово во ОЈО Скопје давала исказ нејзината колешка Елизабета Јосифовска, а утре тоа треба да го стори и обвинителката Ивана Трајчева, а во пријавата е ставена и обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановска, за што, како што додаде Русковска прв слушнала денеска.
„Истрага е затоа што предметот е заведен во уписникот како КО, а не во уписникот РО и бев сослушана во својство на осомничена“,
изјави Русковска.
Прашана што очекува од постапката, таа нагласи дека очекува пријавата да се отфрли.
Таа рече дека не извршила увид во доказите и оти не знае какви докази има обезбедено обвинителството, освен делови од предметот што се прибавени од ОЈО за гонење организиран криминал.
Обвинителот што ја сослушувал, како што додаде, ја информирал дека има „некој извештај“ што го изготвила обвинителката Лиле Стефанова.
„Ја видов кривичната пријава, ми беше понуден и записникот на изјавата од Арафат Муареми, не бев заинтересирана да ја прочитам. Само ја прочитав кривичната пријава“,
изјави таа.
Одговарајќи на дополнително прашање за каков извештај станува збор, Русковска рече дека не знае точно и дека така била информирана.
„Ми рече како преглед за постапувањето досега, и веројатно можеби нешто за, доколку се прегледани, дел од тие 380 предмети што се доставени од страна на Управата за финансиска полиција“,
кажа обвинителката, а одговарајќи на прашање дали се можни 380 анонимни пријави, таа посочи дека во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од основањето во 2004 година до денес немало повеќе од 100-150 анонимни пријави.
Русковска посочи дека на целата постапка што се води против неа гледа како на притисок врз неа и нејзините колеги да внимаваат против кого отвораат постапки.
„Да! Апсолутно така гледам на целата постапка и на моето суспендирање и на поведувањето дисциплинска постапка како и на веќе поднесената кривична пријава“,
нагласи Русковска.
Обвинителката од зградата на ОЈО Скопје на кејот на Вардар излезе со едно лице ангажирано од надлежните служби како обезбедување, а на забелешката дека со неа нема адвокат и дали тоа значи дека ќе се брани сама, Русковска изјави:
„Да сама ќе се бранам, па ние сме по професија адвокати, само што сме адвокати на државата.“
На прашање дали имала други притисоци освен овие, таа изјави дека засега не знае, но во минатото имало и повтори дека останува на претходно кажаното дека таквите закани доаѓале од една поранешна влада.
Околу тоа дали сериозно ги зела предвид заканите, Русковска рече дека бидејќи е суспендирана не обрнала внимание и додаде дека какви било закани не се пријатни, ниту вербални ниту оние што доаѓаат преку кривични постапки.
Таа даде и свое видување и свое појаснување на аудиоснимката што се појави летово, каде што наводно се слуша нејзиниот глас како вели дека го заборавила во притвор поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, кој е еден од првостепено осудените во случајот „Организатори на 27 април“, случај за кој денеска има седница во Апелацискиот суд.
Прашана во тој контекст, бидејќи како еден од доказите на одбрана пред Апелација е и оваа снимка, таа рече дека тоа не може ништо да смени во постапката.
„Таа снимка излезе во јавност уште крајот на јули или почетокот на август. Законот е така поставен да не можеш никого да заборавиш во притвор. Секој 30 дена мораш или да бараш укинување или продолжување на притворот и за тоа одлучува судот. Тоа целото е извадено од контекст. Во првите два месеца ги собирав другите докази и се прошируваше истрагата и Владимир Атанасовски не беше повикан да даде исказ и тоа е тоа за што наводно забораваме“,
рече Русковска.
Сепак, Русковска не се откажува од позицијата шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Таа соопшти дека конкурирала на огласот што неодамна го распиша Советот на јавни обвинители и рече дека очекува да ја добие поддршката од колегите со оглед на тоа што сега идниот шеф на ОЈО ГОКК ќе го избираат сите обвинители на непосредни избори со гласање.
„Да, вчера ја поднесов пријавата. Очекувам колегите апсолутно да ме поддржат и да гласаат за мене“,
потенцираше таа.
Дека Муареми ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на положбата беше најавено десетина дена по претресот што на 18 јули го изврши Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во УФП.
Официјално кривичната стигна до ОЈО Скопје на 8 август.
„Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје во која се опфатени сите обвинители за коишто сметаме дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумцијата на невиност на пријавените, тоа е сè што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“,
соопштија тогаш од УФП.
Претресот со кој ескалираше антагонизмот помеѓу Русковска и Муареми, како што тогаш наведоа од Обвинителството, беше во рамки на предмет оформен по пријава од граѓани.
Муареми, пак, тогаш реагираше дека од обвинителството во барањето за претрес до судот дале погрешни податоци дека има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот, според неговите тврдења, немало ништо туку само анонимна кривична пријава без докази.
Покрај кривичната пријава, од Управата додека со неа раководеше Муареми тогаш поднесоа и претставка за обвинителките, како за судијата на претходна постапка што позитивно одговорил на барањето за претрес.
Тогаш, беше извршен и надзор, по што од кабинетот на државниот обвинител Љубомир Јовески излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот, како и тоа што го коментираше Муареми, дека во барањето за претрес до судот е наведено дека има основи на сомнение за сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
Русковска, пак, тогаш во изјава за медиумите го оспори извештајот велејќи дека државниот обвинител нема право да се меша во постапувањето по конкретен премер, а за тоа дали имало основи за издавање наредба за претрес одлучува судот, а не обвинителот.
По надзорот беше поведена и дисциплинска постапка за трите обвинителки, а за Русковска беше одредена и суспензија, на која таа се жалеше, но Советот на јавни обвинители ја отфрли жалбата.
Русковска во претходните јавни настапи, а откако беше најавена кривичната од Муареми, повика и странски амбасади и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат поради притисоци од поранешниот директор на УФП, но и од ЕУ и од Американската амбасада во Скопје рекоа дека случајот треба да го расчистат надлежните органи.
Инаку, и Арафат Муареми си поднесе оставка паралелно со суспензијата на Русковска. Иако истиот период му истекуваше мандатот, тој оставката ја доведе во директна корелација со суспензијата на обвинителката и случајот со претресот во УФП. Ваквата одлука, напиша тој во писмена изјава, ја донел за да не постои сомнеж во интегритетот и независноста во постапката што се води за расветлување на сите аспекти околу претресот.
Откако Советот на јавни обвинители ја одби жалбата за нејзината суспензија, на 29 август го назначија Трајче Пеливанов за времен шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а во меѓувреме одлучија да распишат и оглас за нов шеф со оглед дека на Русковска во ноември ѝ завршува и мандатот.