Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска смета дека прислушуваните разговори и натаму ќе може да се предлагаат како докази во судските постапка. Таа укажува дека јавниот интерес е поважен од начинот на кој се стекнати прислушуваните разговори и таа пракса ја наметнуваат пресудите од Судот за човекови права од Стразбур. Сепак, во интервјуто за ТВ Алфа таа посочува дека за сите дилеми кои произлегуваат од новиот Закон ќе мора да се дискутира на колегиумот на обвинители.
„Дали нешто ќе биде прифатено како доказ или нема, зависи од судот. Обвинителството само предлага докази. Мислам дека е несреќно решение овој член 110 затоа што во еден релативно процесен закон се вметнува одредба од материјалното право. Сега ги бараме правосилните пресуди од Стразбур за да бидеме спремни кога ќе стапи на сила овој нов закон, веројатно на 1 јули оваа година и да можеме да аргументираме пред судот зошто сепак тие докази ги предлагаме“
изјави Русковска.
Прашана за тоа каде завршила торбата со пари од снимките во случајот Рекет, обвинителката објасни дека според фискалните сметки, голем дел од парите биле потрошени на шопинг во Италија а останатите веројатно биле ставени на располагање на медиумот кој Боки 13 го предводел.
„148 илјади евра потрошени во продавници во Италија. За тоа најдовме фискални сметки. Телевизија е скапа играчка. Јас знам дека тоа чини од 60 до 80 илјади евра месечно.
изјави обвинителката.
Во однос на шпекулациите дека ќе ја напушти функцијата и ќе се занимава со адвокатура, Русковска рече дека ќе се повлече само доколку и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески го стори истото.