За прекинот на снабдувањето со струја, украинскиот претседател вчера оцени дека ситуацијата го главниот град Киев е многу тешка, а градоначалникот Виталиј Кличко кажа дека најмалку 80 отсто од жителите останале без струја и вода
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) ја обвини Русија за злосторства против човештвото откако вчерашните ракетни напади предизвикаа прекин на струјата за милиони Украинци.
Во видеообраќањето пред Советот тој изјави дека руската „формула на терор“ принудила милиони луѓе да останат без снабдување со струја, без греење и без вода на температури под нулата.
Во овие напади, како што соопшти украинската страна, загинаа и седум лица меѓу кои и новороденче.
Нуклеарните централи беа исклучени од мрежата, а таа во Запорожје, која е најголема во Европа, беше принудена повторно да се потпира на генераторите со дизел за да напојат системите за ладење и клучната безбедносна опрема. Се огласи и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) која изрази загриженост за централата во Запорожје, која инаку е под руска контрола.
За прекинот на снабдувањето со струја, украинскиот претседател вчера оцени дека ситуацијата го главниот град Киев е многу тешка, додека за дел од другите погодени градови, како Лавов и Одеса, посочи дека успеале да ја вратат електричната енергија. Киевските градоначалник Виталиј Кличко, зборувајќи за состојбата во главниот град, кажа дека најмалку 80 отсто од жителите останале без струја и вода.
Покрај Украинците, руските гранатирања вчера предизвикаа прекин на струјата и во соседна Молдавија иако таа не беше директно погодена.
Вчерашните се продолжение на претходните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина, кои Москва ги започна во пресрет на зимата.