Думата, долниот дом на рускиот парламент, може в четврток да започне дебата за анексија на окупираните делови на Украина, објави во саботата руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименуван извор.

Москва во петокот организираше референдуми за приклучување кон Русија во четири окупирани региони на Украина, што наиде на осуда од Киев и од западните земји кои гласањето го нарекоа измама и ветија дека нема да ги признаат резултатите.
Во меѓувреме, повеќе од 730 луѓе ширум Русија беа приведени во саботата за време на протестите против мобилизацијата, соопшти група за човекови права, три дена откако претседателот Владимир Путин нареди прва воена мобилизација во Русија по Втората светска војна.
Протестите се незаконски според рускиот закон, кој забранува каква било активност што се смета за клеветење на вооружените сили.
„Сакаш ли да бидеш како мене“, гласеше транспарент што го држи жена во инвалидска количка на митингот во Москва.
На видеото од истиот протест може да се забележат руски полицајци како носат маж и ја водат жената кон полициско комбе.