Во последните 24 часа во Русија се потврдени 19 788 нови случаи на коронавирус, што е најголем број за еден ден од почетокот на пандемијата.
Во истиот временски период се регистрирани 389 смртни случаи, што е и најголем број на починати за еден ден.
Од почетокот на пандемијата во Русија има вкупно 1 693 454 заразени, а 29 217 луѓе починале како последица на ковид-19.
Русија во моментов е на четврто местопо бројот на заразени во светот, зад САД, Индија и Бразил.
Кон крајот на октомври, беа воведени зајакнати мерки, но властите најавија дека карантин нема да биде опција. Во Москва каде состојбата е најкритична, децата од 6 до 11 години ќе бидат префрлени на онлајн учење, но оваа мерка ќе биде само за две недели.
Работодавачите се обврзани, 30 проценти од вработените да работат од дома. Најавени се построги проверки и поголеми парични казни за кршење на мерките во јавниот превоз.
Минатиот месец, претседателот Владимир Путин објави дека е одобрена втора нова вакцина за коронавирус, иако ниту една од руските вакцини досега не ја поминаа третата фаза на ригорозни испитувања за безбедност, кои ги бараат САД и Европа.