Официјална Москва неодамна издаде налог за апсење на естонската премиерка поради „непријателски дејствија против Русија“ и „сквернавење на историското сеќавање“. Покрај за неа, налог за апсење е издаден за уште двајца функционери од Балтикот, но ризикот за нивно апсење е реален единствено доколку ја преминат руската граница
Премиерката на Естонија, Каја Калас, денеска во интервју за Ројтерс изјави дека Русија нема да ја заплаши со налогот за нејзино апсење што официјална Москва го издаде неодамна, оценувајќи го за обид за заплашување поради шпекулациите дека таа би можела да добие висока позиција во Европската Унија.

„Намерата на издадениот налог за мое апсење е да ме заплаши и принуди да се воздржам од одлуки што инаку би ги донела. Но, тоа е руска игра. Не е ништо изненадувачки и не се плашиме“,
изјави Калас во интервју за Ројтерс на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Официјална Москва неодамна издаде налог за апсење на естонската премиерка поради „непријателски дејствија против Русија“ и „сквернавење на историското сеќавање“. Покрај за неа, налог за апсење е издаден за уште двајца функционери од Балтикот, но ризикот за нивно апсење е реален единствено доколку ја преминат руската граница.
Естонската премиерка, која е една од најгласните критичари на Москва од почетокот на војната, бара ЕУ да обезбеди поголема поддршка за Украина, што доведе до шпекулации во Брисел дека таа би можела да преземе повисока улога по следните избори за Европскиот парламент, веројатно како шефица за надворешна политика.
Калас вели дека таквите шпекулации, меѓу другото, придонеле за руската агресија кон неа.
На прашањето дали е заинтересирана за некоја идна улога во ЕУ, таа вели:
„Сè уште не сме дошле до тоа. Јас сум премиер на Естонија.“