Калас е гласен поддржувач на Украина од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија во февруари 2022 година. Таа исто така беше еден од најсилните гласови во Европската Унија и НАТО кои се залагаа за снабдување на украинските сили со повеќе оружје
Русија денеска издаде налог за апсење на естонската премиерка Каја Калас. Веб-страницата на руското Министерство за внатрешни работи ја вклучи Калас во својата база на податоци како „лице кое се бара според кривичното право“, пишува Дојче веле.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна објасни дека налогот за апсење на естонската премиерка е издаден поради „непријателски дејствија против Русија“ и „сквернавење на историското сеќавање“. Обвиненија беа поднесени и против државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп и литванскиот министер за култура Симонас Кајрис.
Руски безбедносен извор, кој сакаше да остане анонимен, за руската државна новинска агенција ТАСС изјави дека тројца балтички политичари се гонат за „уништување споменици на советските војници од Втората светска војна“.
„Нема да молчам“
Калас е гласен поддржувач на Украина од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија во февруари 2022 година. Таа исто така беше еден од најсилните гласови во Европската Унија и НАТО кои се залагаа за снабдување на украинските сили со повеќе оружје.
Таа денеска ја осуди руската „вообичаена тактика на заплашување“ и порача дека нема да молчи.
„Потегот на Руската Федерација не е изненадувачки бидејќи тоа е вообичаена руска тактика за заплашување. Нема да молчам, ќе продолжам силно да ја поддржувам Украина и ќе се залагам за зајакнување на европската одбрана“,
рече Калас, ветувајќи дека ќе продолжи да ја поддржува Украина „разурната од војна“ и да се бори против „руската пропаганда“.
Балтичките земји, членки на ЕУ и на НАТО, кои се плашат од воените амбиции на Кремљ, сметаат дека поранешниот СССР ги окупирал, додека Москва се гледа себеси како ослободител и секој друг пристап го смета за „фалсификување на историјата“, што е кривично дело во Русија.
Многу споменици наследени по Втората светска војна беа демонтирани
„Премиерката Калас и други високи балтички и полски функционери се гонат за уништување споменици на советските војници. Злосторствата против споменот на ослободителите на светот од нацизмот и фашизмот мора да бидат казнети. И ова е само почеток“,
изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Во балтичките земји и во Полска, во последниве години се демонтирани неколку споменици наследени од Втората светска војна и кои датираат од советскиот период. Овие земји сакаа да истакнат дека го отфрлаат советскиот период и сметаат оти биле окупирани од СССР.
Руските малцинства живеат во три поранешни советски републики – Естонија, Латвија и Литванија – сега членки на ЕУ и на НАТО, кои имаат тензични односи со Москва. Меѓусебните односи дополнително се влошија по почетокот на конфликтот во Украина.
Балтичките земји, кои ја сметаат заканата од руска инвазија многу реална, активно го поддржуваат Киев во борбата против руската армија.