Американскиот државен секретар во неделата рече дека следните недели и денови ќе одредат дали рускиот претседател Путин е сериозен за постигнување мир во Украина
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска треба да пристигне во Саудиска Арабија каде што се очекува да има разговори со руските официјални лица, чија цел е да се стави крај на речиси тригодишната војна на Москва во Украина.

Разговорите доаѓаат откако претседателот Доналд Трамп минатата недела телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и им нареди на највисоките функционери да започнат преговори за војната, за кои тој постојано вели дека ќе ги прекине за време на неговата претседателска кампања.
Американскиот висок дипломат Рубио, кој во саботата телефонски разговараше со неговиот руски колега, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, ќе се сретне со руските официјални лица во Саудиска Арабија заедно со советникот на Трамп за национална безбедност Мајк Валц и пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Но, не е познато од руска страна кој ќе присуствува на средбата, пренесува Ројтерс повикувајќи се на изјава на американски пратеник.
Рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на неименувани извор, објави дека разговорите ќе се одржат во вторник во саудискиот главен град Ријад.
Разговорите, после неколку години, ќе бидат меѓу првите лични разговори на високо ниво меѓу руски и американски официјални претставници и треба да претходат на средбата меѓу американскиот и рускиот претседател.
Рубио во неделата рече дека следните недели и денови ќе одредат дали Путин е сериозен за постигнување мир.
Во регионот, како што пишува Ројтерс, е и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски, кој пристигна во Обединетите Арапски Емирати во неделата, рече дека има намера да ги посети и Саудиска Арабија и Турција, но нема утврдени датуми. Тој рече дека не планира да се сретне со руски или со американски официјални лица и се верува дека Украина не е поканета на разговорите.