Еднакви права на Србија и Косово, почитување на територијалниот интегритет и неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово се клучните елементи на предлогот што е на маса во Приштина и во Белград
Можноста за меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации (ОН), за што косовските политичари јавно се залагаат, не се споменува во документот до кој имале пристап од регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ова е првата верзија на планот што партиите го добија на крајот на летото, а во јавноста е познат како француско-германскиот предлог за дијалог.
Неколку извори во Брисел и клучните европски метрополи ја потврдија автентичноста на текстот до кој РСЕ имале пристап.
Од крајот на летото, кога им беше предаден на партиите, овој предлог служи како основа за дискусии на лидерските средби како дел од дијалогот за нормализација на односите.
Иако изминатиот период беа објавени неколку верзии во медиумите, клучните актери во Брисел, Белград или Приштина ниту еднаш не ја потврдија автентичноста на текстовите, иако признаа дека постои новиот таканаречен француско-германски план.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан, на новинарите им потврди дека Косово и Србија добиле ажурирана верзија на овој предлог.
Изворите на РСЕ велат дека иако новата верзија содржи промени, тие не се суштински и дека клучните елементи од главниот план остануваат исти.
Познат како француско-германски предлог, овој документ се нарекува: „Предлог на Европската унија поддржан од Франција, Германија и Соединетите Американски Држави (САД)“.
Предлогот со кој располагаат страните има десет точки и се смета за начелен договор меѓу страните, што го отвора патот за продолжување на дијалогот и по евентуалното постигнување договор и за нови договори кои би произлегле од овој документ.
Затоа, во еден став од планот се наведува дека додека сегашниот основен договор (ако биде постигнат) претставува важен чекор за нормализација, двете страни ќе продолжат со нови преговори на процесот на дијалог предводен од ЕУ, кој треба да доведе до правно-обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.
Во текстот се наведува дека страните се согласуваат со овој договор, свесни дека неповредливоста на границите и територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основните услови за мир.
Во него се наведува и дека договорот е склучен „врз основа на историски факти и без да се доведуваат во прашање различните ставови на страните за фундаменталните прашања, вклучително и статусните прашања“.
Во текстот се наведува дека страните меѓусебно ќе развиваат добрососедски односи врз основа на еднакви права, а се предвидува и признавање на националните симболи.
„Двете страни меѓусебно ќе ги признаат нивните соодветни документи и национални симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи за регистарски таблички и царински печати“,
се вели во предлогот.
Исто така, се наведува дека двете страни ќе се водат од целите и принципите наведени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштита на човековите права и недискриминација.
Споровите меѓу себе, како што е подвлечено во текстот, Косово и Србија ќе ги решаваат во согласност со Повелбата на ОН, исклучиво со мирни средства и воздржување од закана или употреба на сила.
Текстот на предлогот предвидува двете страни да тргнуваат од претпоставката дека ниту една од нив не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име.
Експлицитно се вели дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Овој елемент претставува чекор напред во споредба со бриселскиот договор, каде евентуалната блокада се однесува само на европската рута, а не и на меѓународните организации.