Според обвинителството, докторот, кој бил на чело на мрежа од уште четири други доктори кои му обезбедувале кардиолошки импланти од починати пациенти, извршил 238 оперативни зафати од 2017 година наваму и притоа употребувал импланти извадени од мртви пациенти или од непознато потекло и ги вградувал во други (живи) пациенти
Романското обвинителство објави дека отворило истрага против пет доктори кои се осомничени за (ре)употреба на стотици медицински импланти кои претходно биле извадени од починати пациенти, пренесе Си-ен-ен. Еден од петте доктори, кој работел во градот Иаси, е во притвор. Докторот, чие име засега не е објавено, бил на чело на мрежа од уште четири други доктори кои му обезбедувале кардиолошки импланти од починати пациенти, без претходна согласност на пациентите и нивните семејства.

Според обвинителството, докторот извршил 238 оперативни зафати од 2017 година наваму и притоа употребувал импланти извадени од мртви пациенти или од непознато потекло и ги вградувал во други (живи) пациенти. Со тоа, не само што го загрозил нивното здравје туку ги довел во ризик од сериозни компликации, па и смрт.
„Голем дел од имплантите што ги препорачал докторот… воопшто не биле неопходни и биле поттикнати од лажни дијагнози или претходно пропишани лекови кои предизвикувале одредени симптоми“,
се вели во соопштението на романското обвинителство.
Романскиот здравствен систем е еден од најмалку развиените во Европската Унија. Еродира со години поради корупција, неефикасност и политизирано управување со болниците.
Романија троши најмалку пари за здравство од сите земји членки на ЕУ. Десетици илјади доктори и медицински сестри ја имаат напуштено земјата во изминативе години.