Според цитираниот извор, отказот на Залужни е одложен бидејќи властите сè уште не одлучиле кој ќе го замени
Украинската влада ја известила Белата куќа дека планира да го отпушти командантот на вооружените сили на земјата, генерал Валериј Залужни, објави Ројтерс повикувајќи се на два, како што се наведува, добро упатени извори.

За ова прашање веќе неколку дена се расправа во јавноста, со спротивставени извештаи.
Потегот за смена на Залужни, кој се судри со претседателот Володимир Зеленски околу воената стратегија и други прашања, доаѓа по контраофанзивата минатата година во која Украина успеа да врати само мал дел од нејзината територија окупирана од Русија.
Извор близок до канцеларијата на Зеленски изјавил дека двајцата се во несогласување за тоа дали да започнат нова кампања за воена мобилизација на половина милион Украинци.
Според цитираниот извор, отказот на Залужни е одложен бидејќи властите сè уште не одлучиле кој ќе го замени.
САД не се спротивставиле на плановите на Киев. Белата куќа соопшти дека е суверена работа Украина да донесе сопствена одлука, изјавил вториот извор за Ројтерс.
Како што претходно објави Си-ен-ен повикувајќи се на свои извори, Залужни во понеделникот бил повикан на состанок во кабинетот на Зеленски и му било кажано дека е отпуштен. Официјално соопштение не е објавено, што значи дека Залужни сè уште е на функција, но сепак се очекува претседателски декрет до крајот на неделата, изјавил еден од изворите за Си-ен-ен.