Единственото решение што го прифаќаат, изјави денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, е платите да останат на сегашното ниво, односно на висината на оние што ги добиле во декември 2023 година. Доколку властите не им излезат во пресрет, штрајкот, рече тој, ќе продолжи и ќе стане поригорозен
Прашан кои услуги на Фондот од денеска им се скратени на граѓаните, претседателот на Синдикалната организација при ФЗО, Бранко Аџигогов, рече граѓаните воопшто да не се мачат да доаѓаат за барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, потоа за барања за надомест на породилно, за исплата на надомест за боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн.
Не бараме ништо повеќе, бараме само платите да ни останат на оној износ на кој ни беа декемвриските. Ова го изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, откако вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска стапија во штрајк кој го најавија во петокот минатата недела.

Штрајкот на вработените во ФЗО доаѓа по нивниот протест пред точно една недела на кој тие го изразија своето незадоволство од можното намалување на платите, односно, како што велат од синдикатите, препораката на Владата за намалување на платите за 21 процент.
Како што информира Деаноски, сите подрачни единици на ФЗО, од денеска нема да ги извршуваат работните задачи, освен оние најитните. Претседателот на Синдикатот на ФЗО, Бранко Аџигогов, во изјава за медиумите кажа дека рецепти и упати се издаваат, но додека трае штрајкот нема да се исплаќа надомест за породилно отсуство и за боледување.
Според Деаноски, вработените ќе опстојат на своите барања и нема да отстапат додека Владата не донесе одлука со која вработените во ФЗО ќе го добијат декемврискиот износ на плата.
„Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и членови и оние што не се членови (на синдикат), штрајкуваат и оние што се во други синдикати. Истрајни се. Расположението во моментот е да се оди до крај. Да потсетам, не бараме ништо повеќе, бараме само да ни останат платите во оваа висина како што ни беа со декемвриската плата… Штрајкот нема да престане дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов вработените во Фонд за здравство немаат плата и нема да земат се додека не се донесе одлука од Управниот одбор“,
рече Деаноски.
Тој упати апел до Владата, каде што веќе испратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери на утрешната седница да го стави на дневен ред барањето на вработените во ФЗО.
„Како што донесоа заклучок со препорака Управниот одбор да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бод, а тоа е 77,16 денари и таа вредност на бод да биде до крајот на оваа година“,
рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Додека ја даваше изјавата, Деаноски рече дека во зградата на ФЗО на состанок се сите раководители на Фондот за здравствено осигурување од подрачните единици, вклучително со директорите од централната.
„Направивме иницијатива потпишана од сите директори на сите подрачни единици во која што гарантираат дека ќе се извршуваат сите работни задачи и дека ќе останат и дека ќе има пари во Фондот за исплата на платите како што се сега, а и граѓаните да бидат спокојни дека ќе има лекови за сите“,
рече Деаноски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ упати апел и до Министерството за здравство да не се случи уште еднаш да биде испратено соопштение во кое се вели дека доколку се исплатат повисоки плати нема да има лекови за граѓаните.
„Да не се случи такво нешто уште еднаш, да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган, Министерство да игра на емоции на граѓани и да ги лаже граѓаните дека нема пари во Фондот за здравство. Сме кажале многу пати, Фондот за здравство е институција со највисок буџет во државата и Фондот за здравство секогаш има пари. Ќе има пари и да останат овие пари на вработените како што тоа го одговоривме со менаџментот на Фондот за здравство. Пак ќе повторам, на ред е Владата, на ред е Управниот одбор, Министерството за финансии да си ја земат математиката во раце, да донесат одлука со која ќе ги заштитиме платите“,
порача Деаноски.
Единственото решение што го прифаќаат, повтори тој, е платите да останат на сегашното ниво. Доколку властите не им излезат во пресрет, штрајкот ќе продолжи и ќе стане поригорозен.
„Доколку се намалат платите само може да биде полошо. Мене ми е жал што власта нема слух. Овој штрајк не е по наша вина, овој штрајк е по вина на власта и најтажно од сè е што патат граѓаните, патат оние на кои најмногу им треба буџетот од Фондот за здравство. Доколку власта не се вразуми, штрајкот ќе продолжи и ќе стане поригорозен“,
кажа Деаноски.
Претседателот на Синдикалната организација на ФЗО, Бранко Аџигогов, изјави дека штрајкот се одвива непречено и оти досега нема пријавено никакви инциденти ниту проблеми и додаде дека граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаат вработените во Фондот за здравствено осигурување.
Дополнително на соопштението што беше испратено во петокот дека службениците од денеска ќе вршат само пријава на малолетни лица како членови во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирани лица и лекување во странство за итни случаи, Аџигогов изјави дека лекарските комисии коишто ги продолжуваат боледувањата на вработените за кои има потреба продолжуваат непречено да работат.
„Воопшто не ни е идејата врз болни лица да тераме правдина во овој момент“,
изјави Аџигогов.
Прашан кои услуги на Фондот од денеска им се скратени на граѓаните, претседателот на Синдикалната организација при ФЗО, рече граѓаните воопшто да не се мачат да доаѓаат за барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, потоа за барања за надомест на породилно, за исплата на надомест за боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн.
„Во моментот од другите служби, со нивниот прекин со работа, не се врши никаква исплата, ниту се обработуваат податоци за цело здравство, значи за сите што имаат договор со нас, а тоа е јавното и огромен дел од приватното здравство. Дополнително прекинати се сите активности за договорите за вработување во јавното здравство, префрлање на договорите за јавно здравство и оние за кои е донесена одлука за трансформирање на работниот однос“,
рече Аџигогов.

Во врска со процесот за пропишување на лекови, тој рече дека во тој сегмент сервисите функционираат.
„Значи сервисите коишто ги дава електронски Фондот за здравствено осигурување каде што е поврзан со Мој термин, тие си функционираат. Рецепти можат да се издаваат, упати можат да се издаваат, непречено се примаат здравствени услуги од нашите договорни органи итн“,
рече претседателот на Синдикатот при ФЗО.
На прашањето дали ќе има плати во јавното здравство, Аџигогов со одговор:
„Во јавното здравство сега веќе е пресметковен период, како што е за нас така и за јавно здравство, така е и за буџетите, така е и за капитацијата. Сега засега во моментов не се работи ништо“.
Прашан дали можеби причина за намалување на платите од 21 процент, како што бараат од Финансии, се оние нови вработувања за кои огласите се распишани откако беше договорено зголемување на платите бидејќи имало информации дека не било договорено да се зголемат платите на оние вработени, кои беа тогаш во ФЗО и плус да се вработуваат нови со исто така зголемени плати, Аџигогов изјави дека тој процес нема врска со носење на бодот за исплата на плати на вработените.
„Согласностите за вработувањата се од минатата година. Значи, од минатата година се започнати огласите. Се надевам дека не е направена техничка грешка, па за нив не е предвидена плата, затоа што како што повеќето знаете, согласноста за вработување во јавниот сектор се дава со веќе определени средства коишто се за новите вработени. Дали се дадени, дали не, тие средства, не сакам да шпекулирам и да навлегувам. Тоа веќе не е предмет за јавноста и воопшто за вработените да трпат. Тоа е менаџерска работа која што треба да си ја следат на ниво министри, влада, директори на ФЗО“,
рече Аџигогов.

Претседателот на Синдикатот, исто така одговарајќи на новинарско прашање рече дека засега нема информации дали Управниот одбор на Фондот ќе заседава.
„Управниот одбор ја прифати дури и таа иницијатива да ја разгледа. Значи, ние бевме и ни беше кажано: нема проблем, нека поминат изборите и понатаму да продолжиме со разговори, да видиме што е проблемот. Значи, во моментот ниту еден вработен во ФЗО не бара вина, ниту од вработените во ФЗО што се на раководни позиции, ниту од Министерството за финансии. Едноставно сакаме да ни се реши проблемот и да ни останат истите плати“,
појасни Аџигогов.
Тој кажа дека доколку се исполни намалувањето на платите во ФЗО, согласно препораката што ја дава Владата, тогаш околу 500 вработени паѓаат на, но и под висината на минималната плата.