Претседателот на Синдикатот на ФЗО, Бранко Аџигогов, денеска во изјава за медиумите вели дека Управниот одбор не донел одлука ниту за намалување на платите ниту, пак, одлука за тие да останат на исто ниво. Вели дека вработените оделе цел месец на работа, притоа не знаејќи за колкава плата одработиле изминатиот месец и затоа решиле да стапат во штрајк
Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) од понеделник ќе стапат во штрајк и ќе ги извршуваат само неопходните работни задачи, информираа денеска од Синдикатот при ФЗО.
Тоа значи дека службениците од понеделник ќе вршат само пријава на малолетни лица како членови во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирани лица и лекување во странство за итни случаи. За прием на документи, пак, како што соопшти Синдикатот, ќе има само по еден вработен во подрачните единици.
Најавата за штрајк на вработените во ФЗО следува по протестот во понеделникот на кој тие изразија незадоволство од можното намалување на платите. Претседателот на Синдикатот на ФЗО, Бранко Аџигогов, тогаш изјави дека со препорака на Владата се бара намалување на платите од 21 процент.
„Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент“,
изјави на протестот во понеделникот претседателот на Синдикатот на ФЗО, Бранко Аџигогов.
Денеска, во изјава за „Макфакс“, Аџигогов вели дека Управниот одбор на ФЗО не донел одлука ниту за намалување на платите ниту, пак, одлука за тие да останат на исто ниво. Вели дека вработените оделе цел месец на работа, притоа не знаејќи за колкава плата одработиле изминатиот месец и затоа решиле да стапат во штрајк.
„Нема одлука ниту за намалување на платата, како што препорача Владата ниту, пак, таа да остане на исто ниво. Цел месец доаѓавме на работа, а не знаеме за каква плата работиме и затоа одлучивме штрајкот да стапи во сила. Од понеделник нема да работи ниту една подрачна единица. Ќе се извршуваат само нужни и неопходни работи. Се ближи пресметковен период за плати, но ќе штрајкуваме сè додека не се донесе одлука да не се намалуваат платите“,
изјави претседателот на Синдикатот на ФЗО, Аџигогов за „Макфакс“.