Министерството за животна средина му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, за регионалната депонија која треба да се гради кај селото Мечкуевци откако тој одбиваше да соработува на тој проект. Ова за ТВ 24 го потврдиле од Министерството. Во продолжение може да ја погледнете видеосторијата што „360 степени“ ја објави неодамна на оваа тема.
„360 степени“ на крајот на февруари годинава објави дека актуелното раководство на Свети Николе не дозволува регионалната депонија да се изгради на територија на оваа општина. Иако неколкупати се обидувавме да договориме интервју со градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Владев, за да го прашаме зошто е против, тој упорно одбиваше. И покрај одбивањата, сепак, пред влезот на самата општина, успеавме да го пресретнеме градоначалникот, кој одговoри дека нема коментар на нашите прашања.
360°: Добро утро, г. Владев. Зоран Јованоски од „360 степени“. Да ве прашам, зошто не дозволувате изградба на регионална депонија во вашата општина?
„Немам коментар.“
360°: Ако ви ги одземат ингеренциите, што ќе се случува?
„Немам коментар. Ве молам. Ви кажав убаво,“
одговори градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев.
Одземањето на ингеренциите на општината беше најавено од Министерството за животна средина и просторно планирање уште пред една година. Сега, по одземањето, министерството треба да предложи уште двајца членови на управниот одбор на идното меѓуопштинско претпријатие чие формирање е услов за да се распише тендер за изградба на депонија.
„Постојат правни лекови за да се реши ова прашање. Најнепопуларното е, секако, одземањето на надлежноста, меѓутоа, земајќи предвид дека се работи за големи финансиски средства кои, ако не ги реализираме заради еден ваков проблем, државата ќе треба да ги врати во Европската Унија, нема да го дозволиме тоа. Ако треба ќе одиме и со крајниот правен лек – одземање на ингеренциите“,
рече Каја Шукова – министерка за животна средина и просторно планирање.
Денеска, од Министерството за животна средина за ТВ 24 потврдиле дека во овој регион се имплементирани дел од активностите и во оваа напредна фаза не е оправдано стопирање на проектот, бидејќи тоа ќе значи не само стопирање на реализацијата туку и враќање на парите добиени од ЕУ, што ќе падне на товар на сите граѓани.
Северна Македонија доби кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со кои треба да продолжи воспоставувањето современ систем за управување со отпад во целава земја, за што многу се зборуваше во изминатит период, а малку е направено.