Дваесет и четиригодишниот возач е лишен од слобода по неговото бегство од границата, а пред полицијата признал дека додека бегал фрлил и кеса со два пиштола
Дваесет и четиригодишен државјанин на Косово е уапсен синоќа во Скопје, откако претходно на граничниот премин Блаце, избегал од царинска контрола, при што со своето возило оттурнал и неколку метри по асфалтот влечел царински службеник.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), инцидентот започнал додека цариникот вршел редовен преглед на патничко моторно возило „БМВ“ со косовски регистарски ознаки, управувано од осомничениот Р.Е. (24). Во текот на контролата, возачот ненадејно го стартувал автомобилот, го оттурнал и повлекол цариникот со себе, по што со голема брзина го напуштил граничниот премин и се упатил кон Скопје.
По пријавата за настанот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје веднаш презеле оперативни мерки и се вклучиле во потрага по бегалецот. Околу 22 часот, возилото било лоцирано и успешно пресретнато на улицата „Јадранска магистрала“, каде што косовскиот државјанин бил лишен од слобода.
