Со првостепената пресуда од Основниот кривичен суд во Скопје, Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување. Предметот се наоѓаше на разгледување во Вишото обвинителството кое е надлежно да постапува пред второстепените судови, од каде што го разгледале и вратиле, а своето мислење за пресудата надлежниот виш обвинител ќе го каже на јавната седница
Апелацискиот суд во Скопје за денеска (10 мај) закажа седница за првостепената пресуда за случајот „Рекет“ со која Бојан Јовановски-Боки 13 е осуден на 9, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор.
Седница ќе се одржи по околу 11 месеци откако беше изречена пресудата од Основниот кривичен суд-Скопје на 18 јуни 2020.
Двајцата неправосилно осудени се наоѓаат во домашен притвор. На Јовановски паралелно му се суди и во случајот „Меѓународен сојуз“ каде што е првообвинет. Јанева, пак, се наоѓа во Гевгелија откако во септември лани побарала наместо во Скопје, во родниот град да ја издржува мерката притвор.
По денешната седница, Апелација ќе треба да се произнесе за предметот, односно може да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно судење.
Предметот се наоѓаше на разгледување во Вишото обвинителството кое е надлежно да постапува пред второстепените судови, од каде што го разгледале и го вратиле, а своето мислење за пресудата надлежниот виш обвинител ќе го каже на јавната седница.
„Постапувајќи по изјавените жалби во предметот ’Рекет‘, Вишото јавно обвинителство Скопје изврши увид во списите на предметот и ги врати во Апелациониот суд Скопје на надлежно постапување. Вишото јавно обвинителство Скопје својот писмен предлог ќе го даде на седницата на Советот согласно член 421 став 2 од Законот за кривична постапка“,
велат од Обвинителството.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која го застапуваше предметот во првостепениот судски процес кога беше изречена пресудата, рече дека очекувала ваква затворска казна за Јанева, додека за Јовановски не очекувала дека ќе добие помалку од 10 години затвор и најави жалба.
Одбраната исто така не беше задоволна и најави жалби. Адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, рече дека очекувале ваква брутална казна, додека адвокатите на Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска, изјавија дека се разочарани од пресудата.
Со првостепената пресуда, Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 призна вина и доби затворска казна од 3 години затвор. Таа е правосилна и од октомври лани тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.
Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 била отворена истрагата „Империја“ на СЈО, биле барани пари од бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, како и да добие својство на заштитен сведок или да склучи спогодба. Според обвинителството, биле земени 1,5 милиони евра.
- Што тврдеше Русковска, а што обвинетите за парите од „рекетот“?
- Воведни зборови на Русковска во „Рекет“: Јанева влезе во филмот за „Чарлиевите ангели“
- „Рекет“: Освен завршни зборови, Русковска презентираше и нова снимка, на ред е одбраната која обвини за протуркување докази на мала врата
Јовановски и Јанева, пак, во текот на судскиот процес ги отфрлаа ваквите тврдења обвинувајќи дека станува збор за монтиран предмет со цел да се спаси бизнисменот Камчев. Боки предметот го нарече политички, исто како и пресудата.
- Одбраната на Боки: Милионот од Камчев би тежел 18,5 кг, погледнете како Кичееец го носи „луј витонот“
- Боки 13: Ако заиграат црвените телефони може да добиеме и драконски казни
Одбраната на Јанева, која се товари дека зела 50 000 евра и мебел, тврдеше дека од доказите – снимките и фотографиите, воопшто не се гледа некакво предавање и земање пари.