Со последните измени на Правилникот за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати, РКЕ може секој ден да носи одлуки за промена на цените на нафтените деривати
Цените на нафтените деривати денеска остануваат исти и нема да се менуваат, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Како што посочуваат оттаму, денеска нема предуслови за коригирање на цените на нафтените деривати и затоа цените остануваат исти.
Со тоа, денеска и утре остануваат да важат актуелните цени на нафтените деривати, односно еуросупер БС – 95 и понатаму ќе се продава за 86,5 денари за литар, еуросупер БС – 98 за 88,5, еуродизел БС (Д-Е V) за 88 денари за литар, екстра лесното масло за горење за 83,5 денари за литар, а мазутот ќе се продава за 60,914 денари за килограм.
Со последните измени на Правилникот за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати РКЕ може секој ден да носи одлуки за промена на цените на нафтените деривати доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надолу за два денари.
За пресметката РКЕ го зема просекот од претходните петдневни котации на берзата и воопшто не влијае цената на суровата нафта брент на светскиот пазар. Со оглед дека за викенд нема тргување на берзата се разгледува просекот од цената на секој нафтен дериват посебно што ја имал од понеделникот заклучно со петокот минатата недела.