Како еден од предлозите бил да се намали ДДВ, но, според Бислимовски, на тој начин бенефит би имале сите граѓани, дури и богатите
Во тек се разговори на претставници на Регулаторната комисија за енергетика со синдикатите за проширување на листата на ранливи категории граѓани кои не можат да ги плаќаат сметките за струја и кои би биле опфатени со субвенции за енергетска сиромаштија.
Директорот на РКЕ Марко Бислимовски, кој деновиве е во центарот на вниманието поради протестите што ги организира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ поради зголемувањето на цената на струјата, рече дека ваквиот чекор од опозицијата го смета како притисок врз работата на ова независно регулаторно тело и за тоа ги известил и Асоцијацијата и енергетската заедница.
„Ги информирав сите земји во ЕРА и во рамките на енергетската заедница за притисоците кои се вршат врз Регулаторната комисија од страна на најголемата опозициска партија. На двата состанока добивме поддршка да не потклекнуваме на притисоците и да продолжиме професионално, стручно и ефикасно да ја извршуваме нашата работа“,
изјави денеска Бислимовски.
Во врска со состанокот со синдикатите, договорено е да се побара зголемување на бројот на ранливите категории граѓани што би можеле да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија. Следната недела ќе имаат средба и со невладините организации кои протестираат, за потоа да се обратат и до Владата.
Бислимовски вели дека оваа листа би се проширила со оние што добиваат социјална помош и со оние граѓани што се соочуваат со проблеми поради ковид-кризата.
Како еден од предлозите бил да се намали ДДВ, но според Бислимовски на тој начин бенефит би имале сите граѓани, дури и богатите, кои не може да подлежат на вакви ослободувања.
За попладнево е закажан нов, трет протест на опозициската партија во Скопје, на старата тема – поскапувањето на струјата. На досегашните се бараше враќање на старата цена на струјата и оставка од членовите на РКЕ кои според ВМРО-ДПМНЕ се партиски послушници на власта.