Протестот, како што соопштија од партијата, ќе почне пред салата „Борис Трајковски”, по булеварот „Партизански одреди“, до РКЕ
Нов протест во Скопје, на старата тема – поскапувањето на струјата најавува за утре опозицијата.
По синоќешниот тематски протест за Гоце Делчев, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ утре вечер повторно ќе излезат со автомобили на улиците во Скопје, а протестот ќе заврши пред зградата на Регулаторната комисија во центарот на градот.
Протест, како што соопштија од партијата, ќе почне пред паркингот на спортската сала „Борис Трајковски”, по булеварот „Партизански одреди“, до РКЕ, која, според ВМРО-ДПМНЕ, дејствува делува како продолжена рака на СДСМ и на Зоран Заев.
„Мафијата на Заев ја урна економијата во Македонија. Поради неспособноста на Владата, предводена од СДСМ, за пет месеци над 40 илјади граѓани останаа на улица. Македонија има историски пад на БДП од 12.9 отсто. Заев тргува со македонската историја, го продава Гоце Делчев. Земјоделците поради владата на СДСМ се на питачки стап. Протестираме и ќе продолжиме. Капак на сѐ е поскапата струја, која гризе од стандардот на сите. Затоа продолжуваме да протестираме против поскапата струја која носи сиромашен народ“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението за утрешниот протест.
Минатата недела, ВМРО-ДПМНЕ одржа еден протестен марш поради поскапувањето на струјата за 7,4 проценти, а два дена потоа, со автомобили, ја блокираше соообраќајницата пред РКЕ.