Нешто повеќе од 5,5 милиони вакцинации се спроведени во Грција од почетокот на имунизацијата против ковид. Повеќе од 3 милиони граѓани или 34,5 отсто ја примиле првата доза на вакцина, а околу 2 милиони или 19,4 отсто се целосно вакцинирани, според генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистоклеус.
Како што јави МИА од Атина, во однос на имунизацијата на островите, најголема покриеност има на Китнос, каде што 93 отсто од жителите ја примиле првата доза, а 79 проценти се целосно вакцинирани, а останува мал интересот кај жителите на Самос, Наксос, Кефалоња, Закинтос и Калимнос.
Темистоклеус објасни дека за месец јуни, Грција очекува над 2 милиони дози од „Фајзер“, над 300 илјади од „Модерна“ и околу 500 илјади дози од вакцината на „Астра Зенека“. Грција очекува и вакцини од „Џонсон и Џонсон“, но во текот на следните денови ќе имаат конкретна бројка за пратката.
Од досегашните пратки, искористени се 91,65 отсто од дозите од „Фајзер“, 89 отсто од „Модерна“, 70,3 отсто од дозите од „Астра Зенека“ и 79 проценти од „Џонсон и Џонсон“.