Врховниот суд ќе направи нов обид конечно да донесе одлука по жалбите на Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска против одлуката на Судскиот совет кој ги разреши од функциите.
Според повеќе извори на „360 степени“, Советот за жалба за предметот на врховниот судија и поранешен претседател на судот, Јово Вангеловски, ќе одржи седница во понеделник, на 9 март. Советот за жалба за предметот на врховната судијка Рахилка Стојковска треба да заседава во петок, на 13 март.

Причината што се уште нема конечна одлука по жалбите на Вангеловски и Стојковска е што на последната седница на жалбените совети, двајцата жалители побараа изземање на Советите кои одлучуваат за нивните предмети. Колку и да звучи едноставно „однадвор“, извори од Врховниот суд велат дека ваквиот чекор на Вангеловски и Стојковска се чинат длабоко промислени.
Како Јово Вангеловски го „кочи“ епилогот по жалбата која сам ја поднесе
Советите за жалба кои треба да одлучат дали Вангеловски и Стојковска ќе бидат правосилно разрешени се составени од 5 врховни и 4 апелациски судии (по еден од секое од четирите апелациски подрачја во земјата). Дел од имињата се повторуваат во двата совети, па вкупно 6 различни врховни судии се вклучени во процесот.
Кога Јово Вангеловски а потоа и Рахилка Стојковска побараа разрешување на целите жалбени совети откако тие почнаа со работа, ги ставија своите колеги на „тенок мраз“. Имено, ниту во Судскиот деловник ниту во Законот за судови нема одредби за постапката по формирање на жалбените совети. Затоа, прашањето беше ставено на Општа седница, каде се појавува друг проблем.
За да може да одлучува Општата седница на Врховниот суд, мора да има присуство од најмалку половина од судиите во судот. За да се донесе одлука, пак, потребни се гласовите на две третини од присутните судии со право на глас. Во моментов, Врховниот суд има 19 судии. Тројца од нив се суспендираните Јово Вангеловски, Рахилка Стојковска и Ристо Катавеновски. Од преостанатите 16, тројца веќе беа изземени од одлучување по жалбите на Вангеловски и Стојковска, уште пред да се формираат Советите за жалби. А од тие 13 што остануваат, за 6 судии Вангеловски и Стојковска бараа изземање, така што остануваат само 7 врховни судии што немаат судир на интерес за учество на Општата седница која би одлучила по барањата за изземање. Или, со други зборови, Вангеловски и Стојковска ги довеле колегите во ситуација да треба да одлучуваат за нешто на Општа седница, на која е спорно дали воопшто можат да обезбедат мнозинство за да одлучуваат.
На крај, Општата седница нашла решение кое засега е непознато за јавноста. Се знае само епилогот.
„Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, одржана на 3.3.2020 година, одлучи по барањата за изземања на членови на жалбените совети по два предмети оформени (заведени) по жалба пред Врховниот суд, против одлуката на Судскиот совет за разрешени судии, при што истите не ги прифати“,
објави на 5 март Врховниот суд.
*поврзана вест Вангеловски и Стојковска не успеаја да ги сменат судиите што ќе одлучуваат за нивното разрешување
Одлуката веќе доцни
Според Законот за судскиот совет, каде е опишана жалбената постапка при разрешување на судија, предвиден е рок од 30 дена за одлука по жалба на разрешен судија од моментот на формирање на Совет за жалба.

Во случајот на Вангеловски и Стојковска, тој рок истече уште на почетокот на февруари, бидејќи Советите за жалба беа формирани на 3 јануари. Најголема „пречка“ за одлука беа барањата за изземење на Советите, но тие и не беа единствените.
Уште на почетокот се одложуваше датумот за седница на жалбените совети бидејќи Врховен не можеше да направи уредна достава.
*поврзана вест Врховен не може да го најде Јово Вангеловски за да одлучи – дали ќе го разреши или ќе го врати на работа
Потоа, на првата седница Вангеловски и Стојковска побараа одложување на седниците по неколку основи, за на крај да ги побараат изземањата. Во меѓувреме, Јово Вангеловски побара разрешување на дел од судиите кои треба да одлучат за неговата жалба до Судскиот совет.
*поврзана вест Јово Вангеловски иницира разрешување на судии што треба да го потврдат неговото заминување од Врховен